Македонската женска репрезентација до 19 години ја запиша првата победа на БВА Балканскиот шампионат откако попладнево со 3:0 (25:23, 25:17, 25:17) се радуваше над Косово во вториот натпревар во Тирана.
По вчерашниот пораз од Бугарија, избраничките на селекторот Александар Митев денеска одиграа на високо ниво во сите три сета.
Повторно стартувавме лошо, како во грч и во најголем дел од првиот сет бевме во позиција да бркаме резултат. Косово водеше 21:23 во финишот на првиот дел, но Македонија успеја да изедначи на 23:23, а потоа и да го освои сетот се пресврт, 25:23.
Во продолжението доминиравме на теренот и заслужено дојдовме до победата. Во вториот сет имавме контрола над резултатот од самиот старт па до крајот. Во последниот сет Косово одново понуди отпор, па егал се движевме до 15:15. Со серија од 5-0 Македонија поведе со 20:15, а потоа и рутински со 25:17 го затвори сетот за конечни 3:0.
Македонија утре во 13 часот го игра третиот меч од групната фаза против Турција.