Аријан Адеми ја заврши својата втора епизода во тимот на Динамо Загреб. Клубот каде што ја доживеа својата афирмација, зенитот на кариерата, и ги освои сите титули во домашниот шампионат Адеми летово го напушта.
На Максимир се случува голема реконструкција во која си заминуваат и Адеми и Стефан Ристовски најверојатно, Бруно Петковиќ веќе се прости од клубот, Марко Пјаца исто така… цела една плејада на таканаречени „сенатори“ во клубот. Искусни играчи кои имаа огромно влијание како на терен така и во соблекувалната.
На се му доаѓа крај па и на нивниот престој во Динамо, и сите тие сега бараат каде да ја продолжат кариерата.
Адеми конкретно, потврдено е дека има понуди од Марибор, кој подготвува нова екипа за следната сезона, и има средства да плати играч како Адеми. Локомотива исто така е реална опција за играчот за врска, затоа што реално Адеми во тој случај не би имал потреба од менување на ништо освен на клубот.
Конечно, Дамир Крзнар, искусниот стратег кој беше на чело на Динамо во 2021 година, а сега е дел од унгарски Ујпешт инсистира на ноење на Адеми како засилување, но дали Аријан со своите 34. години во моментов би се одлучил за таков потег и преселба во Унгарија останува да видиме во следните неколку дена.