Во вистинска одбојкарска драма која траеше повеќе од два и пол часа, македонската одбојкарска репрезентација ја оствари првата победа во Златната лига на ЦЕВ. Вечерва како гости во Даугава ја совладавме Летонија со 3:2 остварувајќи го првиот триумф над оваа репрезентација по пауза од цела деценија. Момците на селекторот Јошко Миленкоски потврдија дека се враќаат во препознатливиот ритам, што особено радува во завршницата на ова натпреварување.
МАКЕДОНИЈА – ЛЕТОНИЈА 3:2 (18-25, 25-19, 20-25, 25-23, 25-23)
Уште во првиот сет стана јасно дека Македонија значително ја подигна формата за разлика од минатонеделниот турнир во Братислава. Сетот беше во егал до 12:12, по што Летонците успеаја да се одвојат со предност од еден до два поени, но следуваше и мал пад во играта на прием кај нашата репрезентација, што на крајот резултираше со убедлив финиш на домашните кои го добија сетот со 25:18.
Во вториот сет поинаква приказна. Ние започнавме фуриозно (14:6), а Летонците не успеаја да не следат до крајот на сетот. Успеавме да се вратиме во игра и го добивме сетот со 25:19. Третиот сет го отворивме одлично. Успеавме да се одлепиме на 12:9, но во завршницата дозволивме летонците да дојдат до прво израмнување за 18:18. до крајот на сетот имаа повеќе концентрација и со 25:20 успеаја повторно да поведат.
Во четвртиот сет имаше голема битка. Практично беше израмнето во текот на целиот сет. Ние успеавме да ја искористиме првата сет-топка и со 25:23 да дојдеме до израмнување. Во петтиот решавачки сет вистинска драма. Успеавме да отвориме подобро и да стигнеме на меч-топка со 14:12. Сепак, во серија Летонија се врати за израмнување на 14:14 и да се врати во игра за победа. Неизвесноста продолжи поен за поен се до освојувањето на 25-от поен на нашата репрезентација преку феноменалниот Никола Ѓорѓиев за прва наша радост во ова издание на Златната лига на ЦЕВ.
Никола Ѓорѓиев финишираше со 29 поени, Савовски реализираше 17, а Љафтов 16 поени. Кај Летонија извонреден меч имаше Јансонс со 29 поени. Утре од 17 часот ќе го одиграме и мечот од 4. коло против селекцијата на Грција.