Огнен Чак Дојчиновски
Искусниот македонски интернационалец и репрезентативец, Ѓоко Зајков, летово прави интересен и за македонски услови несекојдневен трансфер. Стоперот е нов член на тимот на Ајман, екипа која што е дел од шампионатот на Обединетите Арапски Емирати. Интересна дестинација нема што, а Спортспорт е на линија со Зајков пред неговото заминување на оваа егзотична дестинација.
„Ново искуство секако. Задоволен сум од тоа како се заврши целиот трансфер. Имав понуда ја прифатив и тоа е тоа. Заминувам во ОАЕ, по нова фудбалска авантура што се вели, нов предизвик. Досега не сум имал можност да настапувам во тој дел од светот, но за се има прв пат па ете и јас одсега сум дел од Ајман, и шампионатот во ОАЕ“ – вели Зајков за Спортспорт.
Тој и неговите колеги од репрезентацијата на Македонија периодов, ни донесоа радост и задоволство. Во Мундијалските квалификации сме лидери на групата со осум бодови од четири меча. Јунската етапа ја заокруживме со бод против Белгија и победа против Казахстан.
„Во добра позиција сме. Ќе одиме меч по меч, да собереме што е можно повеќе бодови, а на крајот ќе видиме дали тие ќе бидат доволни за да одиме на Мундијалот. Самата репрезентација за нас не претставува никаков товар, играњето за неа е задоволство. Целата генерација одамна се знае меѓусебе, долго време играме заедно. Затоа кога ќе кажеме дека атмосферата е добра и позитивна, навистина треба да ни верувате. Зошто во моментов дефанзивата ни е на така високо ниво? Токму поради ова што го напоменав. Имаме супер атмосфера, супер хемија меѓу нас. Сите од ред се добри момци, и оние кои што се долго време тука, и оние кои сега ни се приклучуваат. Искрено се надевам дека само вака ќе продолжиме и дека ќе се радуваме сите заедно на уште поголеми успеси“ – ни вели Зајков.