Иванишевиќ за Циципас: Не сум Хари Потер, немам магично стапче

379
Фото:goranivanisevicofficial/Instagram

Горан Иванишевиќ, легендарниот хрватски тенисер и ценет тренер, започна нова соработка – овојпат со грчката ѕвезда Стефанос Циципас. Соработката е договорена уште пред неколку месеци, а првите заеднички тренинзи веќе се одржаа во Загреб.

За Иванишевиќ, ова е нов предизвик по разделбата со Новак Ѓоковиќ во март 2024 година и кратката епизода со Елена Рибакина. А за Циципас – нова шанса да го пронајде патот назад кон светскиот врв.

„Моментално не можам да кажам дека Стефанос е во најдобра физичка или тениска форма“, искрено признава Иванишевиќ за ХРТ. „Но тој има потенцијал да се врати меѓу најдобрите пет. Сепак, не сум Хари Потер за со магично стапче тоа да се случи преку ноќ.“

Циципас, моментално 26-ти на АТП листата, поранешен број 3, свесно препознава што му недостасува – и го бара токму тоа во Иванишевиќ: авторитет, искуство, искреност.

„Горан е многу искрен, тоа го ценам и го сакам во нашето партнерство. Искреноста и транспарентноста помеѓу тренерот и играчот ми се клучни“, изјави Стефанос. „Последните неколку години не беа добри, но време е да ја преземам одговорноста. Никогаш не сум работел толку напорно, никогаш не сум внимавал толку на деталите.“

Иванишевиќ истакнува дека Циципас е „предобар играч за да биде таму каде што е сега“, а ако некој знае како од таму да се тргне нагоре – тоа е човекот кој го водеше Ѓоковиќ до историски височини.

ПретходноЕХФ драконски го казни Партизан за дуелот со АЕК
СледноДе Роси е фаворит за клупата на Парма