Магдебург се пласираше во финалето на Лигата на шампиони, откако славеше против Барселона со 30-31 после голема драма. Во битката за трофеј за противник ќе го има Фуксе Берлин. По елиминацијата на Барса, Лигата на шампиони ќе добие нов првак, а во финалето ќе гледаме германска пресметка.
Ова беше средба на која правдата ја делеа најдобрите македонски судии, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Имаа полни раце работа, доделија три црвени картони, два на минута и пол до крајот на мечот, на штета на Барса.
Магнусон имаше 11 погодоци кај победникот, но најважниот гол го постигна Хорнке, кој зад своето име имаше седум погодоци. На другата страна Дика Мем, кој се повреди застана на осум погодоци.
Втората полуфинална пресметка донесе вистински возбудувања. Иако Барселона до 24-та минута ја имаше контролата на мечот, Магдебург успеа да ја врати неизвеноста.
Каталонскиот тим во 14 минута водеше со 10-7, со голот на Мем дојде на плус четири 15-11 на стартот на 20-та минута. После последната негатива од четири гола (17-13), германскиот тим со серија од 5-1 на одморот изедначи на 18-18.
На крилата на Нилсен, Барселона во 41-та минута успеа да дојде на плус три (24-21), на другата страна Магдебург имаше проблем со нападот, но кризата брзо ја надмина, успеа да го запише првото водство, на средината на второто полувреме беше 24-25.
Барса која остана без Дика Мем кој се повреди успеа со два гола поведе со 29-27 на осум минути до крајот. Но, ова не беше доволно бидејќи Магдебург дојде до ново изедначување (29-29). Нилсен имаше две клучни одбрани, па неговиот тим поведе со 30-29. Следеше шок за Барса, во рок од десет секунди заработи два црвени картони, остана без Карлсбогард и Ване. Хоркне реализира од седум метри за 30-30 на минута до крајот. Портнер запиша важна одбрана, Магдебург имаше напад за победа, го искористи за голема радост.