Огнен Чак Дојчиновски
Одејќи ја стандардната секојдневна маршута низ Дебар Маало овојпат на „милијарда“ јунски скопски степени, нервозен што јагодите на пазар се уште се 250 денара, а црешите 300, па и кога ги купуваш немаш „лезет“ си го читам стандардно како секој ден омилениот мој графит. „Биди мангуп и навивај за Вардар“ одејќи накај дома…..
Ги пуштам „Адидас“ папучите на „брзо“ зошто е веќе 12:55 и знам дека имам уште само пет минути за да се пријавам на смена зошто колегата Ѓоршоски ќе се изнервира како по обичај што каснам.
А и да го направам тоа, овојпат нема да се налути. Имам ТОП приказна. Приказна за едно скопско дете кое е мангуп и кое навива за Вардар. Ја имам приказната со Стефан Ристовски. Една од многуте кои што можат да се напишат за него. Овојпат темата е Динамо Загреб…
Стефан е Скопски „мангуп“, Загрепски „пургер“, ма Стефан е класа лик…..кога би имале можност сите да го запознаете….
Дечко на место, искрен, ведар, позитивен, сакам такви ликови околу мене…. човекот на кој што без проблем можеш да му започнеш разговор со „се напнав ради топлово и ради јагодите“, и покрај фактот што е со статус на „сенатор“ во Динамо Загреб, капитен, икона на клубот…
„И тука брате се скапи… се е поскапено и тука. Не беше така пред четири години кога дојдов во Загреб, хаха…но се менуваат времињата. Одат како на филмска лента. Ете стигнав и јас до моментот кога треба да се простам од Динамо. Од клубот кој што го чувствувам како свој, како дом. Така требало да биде. Јас лично сакам нештата да ми се случуваат спонтано, не со сила, не зошто така мора. Ова мое збогување со Динамо Загреб е токму тоа. Спонтано, убаво, со солзи… тажни, среќни, се во едно. Тажни зошто си одам, среќни зошто си одам. Звучи чудно, но така е. Оставам зад себе клуб во кој што ги минав најубавите години од мојата кариера, тоа може слободно да го напишеш. Да, Динамо е најубавиот дел од мојата кариера. Заминувам со исправена глава, горд на се што направив во „модриот“ дрес. Титули, Европа, херојски победи, тажни порази, се во едно. Ма, за ништо на светот не би ги менувал овие четири години на „Максимир“ – вели Стефан Ристовски започнувајчи го интервјуто како обичен кафе муабет на двајца добри другари.
„Немам горчина во душата што си одам. Напротив. Тука стекнав во овие четири години не соиграчи, туку семејство во буквална смисла на зборот. „Сенаторите“ како што популарно не нарекуваат во јавноста меѓу себе се најдобри другари. Кумови, фамилија. Тоа не се раскинува со заминување од клубот поради подмладување на екипата. Тоа останува засекогаш. Јас сум Динамовец до крајот на животот. Јас, Адеми, Петковиќ… сите кои летово си заминуваме, како генерација направивме многу. Искрено мислев дека ќе завршам со фудбалот тука, но тој е суров, не трпи сентименталности и тоа е сосема во ред. Горд сум на се. Не жалам за ништо. Среќен сум што сум сето ова завршува со среќен крај. Мојата приказна во Динамо Загреб има среќен крај“ – вели Ристовски, па без прашање, иако имав подготвено еден куп продолжува и одговара сам.
„Вистински момент е да си заминам. Кај мене нема „фолирање“, нема „лажирање“…. се искрено и чисто до крај. Затоа и така сум испратен. Зошто од првиот момент и клубот и навивачите ме сфатија каков сум. Борец со чиста мисла и душа. „Бед Блу Бојси“ самите сфатија дека ќе изгинам за Динамо, затоа и тој фантастичен однос мој со нив. Не сум јас „политичар“ за да имам посебен однос со нив, а некаков си поинаков со колеги, управа. Кој ме познава знае дека е така. Немам јас „илјада“ лица. Тој сум што сум. Така терам во сите овие мои 33. Години така ќе биде засекогаш. Тоа луѓето мора да го разберат. Мора да си искрен, мора да си правичен, мора да си со чиста мисла. Така траеш многу, многу подолго, засекогаш. Динамо и јас ќе траеме засекогаш“ – и по телефон се чувствува енергијата со која што Ристовски зборува за Динамо, за Загреб, за навивачите….
Адеми е најдобриот играч на Динамо на сите времиња…
И за Аријан Адеми. Неговиот Аки. Како да едвај чекаше да го поставам прашањето за Адеми.
„Да знаеш само Огнен каков човек е тоа. Каков другар, каков лик. Незаменлив. ЉУДИНА…. со големи букви напиши. Од него научив што е капитен. Сум имал многу капитени во животот, но Адеми е тој. Брутално искрен, немерливо фер, другарчина. Тивок лидер, а сепак, она што треба да биде кажано и тоа како ќе биде кажано да знаете. Адеми беше иницијаторот за моето доаѓање во Динамо. Откако пристигнав тука ја видов неговата вистинска вредност како лидер. Во репрезентацијата на Македонија тоа не беше баш така, и самиот тој не се постави во тој стил, туку поинаку. Но во Динамо? Не сте свесни какво влијание имаше во соблекувалната, и колку работи во позитивна смисла беа решени од него. На негов автентичен начин. Тивко. И кога не знаеш дека ти помогнал всушност тој ти помогнал. Неверојатен човек, лидер, капитен….“ – ја опишува неговата нераскинлива врска Стефан Ристовски со Аријан Адеми.
Мојата фудбалска приказна во Хрватска заврши
Со неговите 33. Години Стефан Ристовски реално треба, мора да размислива рационално. Секако, кога станува збор за фудбалската кариера. Семејството, фамилијарните обврски, животниот комотитет, се на куп секако дека влијае врз неговата одлука каде ќе ја продолжи кариерата.
„Мојата фудбалска приказна во Хрватска заврши. Тоа можам веднаш да го потврдам. Нема да заиграм за друг клуб од Хрватска. Динамо е врвот во ХНЛ и не би сакал сега себеси да се видам во друг дрес. Има време, ќе размислам добро и ќе одлучам што и како понатаму. Да, не сум сам, семејството пред се, и заедно ќе ја донесеме одлуката. Ние сите се чувствуваме загрепчани што се вели, и за моите деца ќе им биде чудно кога ќе треба да се преселиме од тука, но таков е фудбалот, и не само тој. Кариерата како таква може да те однесе во сосема непознат правец и да не си професионален спортист. Затоа премногу емоции и премногу врзување за нештата не е пожелно. Но пак ќе речам, јас сум таков, емотивец по природа. Загреб засекогаш ќе ми остане во срцето“….
Вардар не смее повеќе да пати од било што… да се обединиме околу него
Конечно, самиот разговор со Стефан Ристовски оди во насока на она што е неминовно и неизбежно. Вардар. Неговиот вистински дом, неговиот матичен клуб. Срцето на Ристовски е „црвено – црно“. Таа негова емотивна карактерна страна се појавува по којзнае кој пат во овој разговор.
„Еден е Вардар…нема друго што да кажам. Нема ден да не помислам на него. Следам нормално се што се случува, прашувам, сакам да сум во тек. Супер е тоа што клубот полека се средува, што конечно се најдоа луѓе да го кренат од „мртви“. Како се доазволи Вардар да спадне на она ниво на кое што беше веројатно никој нема одговор. А сега, порака до сите. Не смееме, а тука се сврствувам и самиот, да дозволиме да сме разединети околу клубот. На Вардар сме му потребни сплотени. Сите заедно да се бориме за него, и за неговата подобра иднина. Вардар премногу пропати, премногу страдаше годиниве. Отворено кажувам, да сакам да ја завршам кариерата во Вардар. Дали е во моментов време за тоа не знам искрено. Гледам дека таква информација имаше во Македонија, дека е можно мое враќање. Од она што можам да го споделам од моја страна дека конкретна понуда немало. А и реално мислам дека сеуште имам фудбалски капацитет да одиграм на високо ниво. Ќе видиме“ – ни вели Ристовски.
На сите нам ни претстои долго топло лето. И за Ристовски и за неговите Динамо, Вардар, на сите нас…нека се случува се спонтано, со искрена љубов и чиста мисла. Зошто само така нештата ќе отидат во добар правец. Онака како што Стефан Ристовски зборува за своето минато, сегашност и иднина….