Денеска со почеток од 18 часот, во славната “Ланксес Арената“ во Келн, каде Вардар во 2017 и 2019 ја освои Европа, во финалето на Ф4 во Лигата на Шампионите се среќаваат Фуксе Берлин и Магдебург. Ова ќе биде прво германско финале во Келн после 11 години, откако во 2014 година Фленсбург го совлада Кил со 30:28.
Секако дека и двете екипи заслужено се изборија за завршниот меч во ЛШ оваа сезона, откако вчера во полуфиналето славеа против Нант и Барселона.
Се очекува “германски“ ракомет, се очекува многу физички силен ракомет, израмнет, се очекува спектакуларно финалена радост на германските ракометни фанови како доказ зошто најквалитетниот клупски ракомет се игра во Бундеслигата.
Кога сме кај трофеите на двете страни, Магдебург досега трипати бил европски првак, но има само една титула во Келн. Од друга страна Фуксе Берлин атакува на својата прва титула европски шампион.
Во пресрет на големото финале, од 15 часот, екипите на Барселона и Нант ќе се борат за тоа 3.место во “малото финале“.