Ф4: Младинците на Пелистер со убедлив пораз во битката за 3.место, Барса беше пресилна

583

Пелистер – Барселона 28:55 е епилогот од мечот за 3.место на Ф4 за младинци во ракометната Лига на Шампиони. И покрај сите напори на момците од Македонија, сепак се покажа на дело дека нивните врсници од Барселона се пресилни во овој момент.

Па така младинците на Пелистер на крајот на овој завршен викенд го освоија 4.место, а трофејот ќе се борат екипите на ГОГ и Веспрем, екипи кои ќе ги одмерат силите во финалето кое започнува во 11:30 часот.

Уште на почетокот од мечот во Дормаген, освен тие стартните 2:0 за Пелистер, се виде како стојат работите и на каде ќе оди овој натпревар во “малото финале“. Младите ракометари на Барселона веднаш наметнаа свој стил на игра, кој младинците на Пелистер едноставно не можеа да го следат.

Разликата во корист на каталонскиот тим постојано растеше, се зголемуваше, па така на пауза се замина со 14:26 или +12 за Барселона.

Во второто полувреме битолчани се обидоа да сторат што можат, но од друга страна Барселона како да не помислуваше барем малку да подзастане, па така на крајот резултатот гласеше 28:55.

Алем Хаџиќ кај Пелистер уште еднаш покажа дека е екстра класа и мечот го заврши со 10 голови од 14 обиди, додека Симоновски беше стрелец на 6 голови. Кај победничкиот тим Карион со 11 голови од исто толку обиди просто блескаше.

И покрај двата убедливи порази на овој Ф4, секако дека и настапот на еден ваков завршен турнир, да се биде меѓу европската елита, е голем, фантастичен успех за нашите млади ракометари, за РК Пелистер и секако за ракометна Македонија.

ПретходноКиву ќе прави “НОВ“ Интер!
Следно“Кралевите“ ќе добијат неверојатни премии ако го освојат СКП!