Вардар денеска во Нион на ждрепката за 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции, за ривал ја доби Ла Фиорита, тим од Сан Марино. Повеќе од јасно е дека во денешниот фудбал нема аутсајдери, но сепак реално нашиот најтрофеен клуб доби посакуван ривал, противник кој може да се мине.
Свој коментар за ждрепката, за “СпортСпорт“, има Гоце Седлоски, шефот на струката на Вардар:
„Да, точно е тоа дека го добивме противникот кој го посакувавме, но исто така точно е дека не смееме да се опуштиме без разлика што станува збор за тим од Сан Марино. Кој и да ни се паднеше, ние ќе реагиравме исто. Денеска секој игра фудбал и против ваквите екипи најтешко е да се игра. Ние максимално сериозно ќе го сфатиме овој противник“ посочи секогаш одмерениот Гоце Седлоски кој никогаш ништо не препушта на случајот што се вели.
Денеска Вардар на својата прва контрола ова лето, со убедливи 3:0 успеа да го победи Будуќност:
„За мене е најважно да ја комплетирам екипата, да одработиме најдобри подготовки тука во Словенија, да мислиме на контролните мечеви, а потоа ќе размислуваме за Европа. Морам да кажам дека сум задоволен од тимот на денешниот меч со Будуќност, но има простор за напредок во нашата игра во повеќе сегменти“ заврши Седлоски.