Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со сигурна победа стартуваше на Челинџер турнирот во Ројан, Франција што се игра за награден фонд од 54.000 евра. Тој во првото коло го победи Норберт Гомбош од Словачка со 2-0 (61 63) за 72 минути.
Ивановски веднаш на стартот од мечот успеа да направи брејк и да поведе со 1:0, а сигурната игра ја продолжи и до крајот на сетот кога успеа да одземе уште два сервис гема на противникот и првиот сет го доби со 6:1 во гемови. На стартот од вториот сет противникот направи брејк, но Калин веднаш врати со ри-брејк за 1:1. До крајот на сетот македонскиот тенисер во осмиот гем направи уште еден брејк за 5.3 и сетот го заврши на убедлив начин со 6:3 во гемови. Притоа во текот на целиот меч на противникот му дозволи да освои само четири гема.
Во следното коло Ивановски ќе игра против петтиот носител Димитар Кузманов од Бугарија, (31 год., 253.место АТП), кој со 2-0 во сетови (63 76) го совлада Французинот Лука Пулен.