Сега веќе и официјално може да се каже дека Срѓан Захариевски не е веќе стратег на Пелистер. Раководството на битолскиот клуб и официјално потврди, откако “СпортСпорт“ ја лиферуваше веста дека Горазд Михаилов е нов тренер а Захариевски ќе мора да си оди, дека се разделиле со додсегашниот стратег.
Соопштението на ФК Пелистер ви го презентираме во целост:
ФК Пелистер врти нов лист во својата иднина и тој нов почеток ќе го означи со нов шеф на стручниот штаб. Клубот спогодбено го раскина договорот со тренерот Срѓан Захариевски и наскоро ќе го именува неговиот наследник.
Захариевски дојде во ФК Пелистер во зимата 2024 година и ја водеше екипата во вториот дел од шампионатот на Македонија 2024/25. Под негово водство нашиот клуб заврши на шестото место во табелата. Клубот му се заблагодарува за професионалноста и стручноста и му посакува успех во понатамошната кариера.
Клубот во најкраток временски период ќе го назначи новиот тренер и неговиот стручен штаб, но и новиот управен одбор и раководечки тим на клубот.