„Револуционерниот“ клупски Мундијал на ФИФА од спектакл до дебакл

448

ФИФА со месеци го најавуваше Светското клупско првенство со 32 тима како револуционерен формат кој ќе го смени фудбалот засекогаш. Но, наместо револуција – добивме разочарување.

Веќе на самиот старт, турнирот ја покажа огромната разлика во квалитет меѓу екипите, а натпреварот меѓу Баерн Минхен и Оукланд Сити кој заврши со неверојатни 10:0 во корист на германскиот гигант, го наметна прашањето – Зошто има толку многу екипи?

Но, тоа не беше единствениот проблем. Полупразните стадиони низ САД јасно покажаа дека навивачите не ја прифатија оваа идеја. На пример, спектаклот меѓу Челзи и Лос Анџелес, кој се играше во Атланта, привлече само 22.137 гледачи, иако стадионот собира 71.000. А станува збор за натпревар меѓу англиски гигант и американски претставник – комбинација која на хартија треба да го привлече масовното внимание.

Ниту тоа што натпреварот се играше рано попладне, ниту географската оддалеченост не се оправдување. Зашто, ако Челзи не може да наполни стадион во Америка – кој може?

Нешто поголем интерес имаше за натпреварот меѓу Бока Јуниорс и Бенфика (55.574 гледачи), додека дуелите како Фламенго – Есперанс (25.797 на стадион од 67.000) и Ботафого – Сиетл (30.000 од можни 72.000) ја покажаа истата слика: трибини што зјаат празни – и турнир што губи смисла.

Најгледани беа натпреварите кои „мораа“ да бидат гледани – Интер од Мајами со Лионел Меси пред 60.000 навивачи, и дуелот ПСЖ – Атлетико Мадрид со 80.000 гледачи на легендарниот „Роуз Боул“ во Пасадена. Но и таму – речиси 13.000 празни седишта.

На вакво ниво, полупразни трибини не значат само слаб интерес. Тие испраќаат порака – дека дури и најголемите љубители на фудбалот не ја гледаат суштината на ова натпреварување.

ФИФА сакаше спектакл. Но досега, ова изгледа како скап, неуспешен и бесмислен експеримент.

ПретходноУште едно признание за одличната сезона: Ханси Флик е тренер на сезоната во Шпанија!
СледноФФМ спроведува обука за Replay оператори во рамки на ВАР проектот