ФФМ спроведува обука за Replay оператори во рамки на ВАР проектот

184

Во насока на целосна и професионална имплементација на ВАР технологијата во избраните домашни натпреварувања, Фудбалската федерација на Македонија успешно започна со обука на техничкиот кадар кој ќе работи како оператори за повторување на снимка (Replay Operators).

По претходна селекција, осум технички едуцирани и подготвени кандидати беа избрани да ја започнат специјализираната обука.

Во периодот од 2. до 5. јуни ја посетија интензивната техничка и функционална обука во реномираниот EVS технолошки центар во Лиеж, Белгија, кој е официјален ВАР технолошки провајдер за натпреварувањата под организација на ФФМ.

Обуката беше фокусирана на практична работа со EVS технологијата, принципи на брза реакција, синхронизација со ВАР и АВАР судиите, како и интервенции во ситуации.

По успешно завршената почетна фаза, обуката продолжува во Македонија во периодот од 5. до 18. јуни 2025 со напредни технички сесии.

Овие обуки се одвиваат под менторство на двајца искусни и признати ВАР оператори, Кирил Горбан и Алексеи Коржуков кои имаат практично искуство во елитните лиги во Русија и Саудиска Арабија, како и во меѓународни натпреварувања под организација на ФИФА. Под нивно водство, операторите добиваат вештини неопходни за беспрекорна техничка поддршка на ВАР процесот, односно за навремено, прецизно и квалитетно повторување на клучни моменти во натпреварите, а едукацијата и обуките ќе ги работат синхронизирано со селектираните ВАР и АВАР судии.

Инвестициите се важен чекор во поставување на професионален ВАР систем со висококвалификуван кадар во сите аспекти, од судиска до техничка поддршка.


Претходно„Револуционерниот“ клупски Мундијал на ФИФА од спектакл до дебакл
СледноОва се најплатените фудбалери во светот: Роналдо, Меси….