Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, е суспендиран со еден меч од страна на дисциплинската комисија на грчката кошаркарска лига поради навредливи изјави дадени по четвртиот натпревар од финалната серија на плејофот.
Покрај суспензијата, Атаман доби и парична казна од 5.000 евра по поразот од Олимпијакос со 71:85 – натпревар кој на ривалот му ја донесе шампионската титула во серијата со вкупен резултат 3:1.
Играчот на Панатинаикос, Матијас Лесор, иако не беше во составот за финалето, доби казна од 3.000 евра за своето однесување од клупата за време на истиот натпревар, како и дополнителни 1.100 евра за непристојно однесување кон судиите.
Клубот е директно казнет со две казни од по 10.000 евра поради постапките на Атаман и Лесор, а дополнителни казни од по 1.100 евра добија и спортскиот директор на Панатинаикос, Димитрис Контос, и техничкиот директор Сани Бечировиќ, исто така поради недолично однесување кон судиите.
Финалната серија, освен по кошарката, ќе се памети и по бурната атмосфера и тензиите надвор од теренот.