Оклахома Сити e пред историски успех (ВИДЕО)

541
Фото: Оклахома X

 

Екипата на Оклахома Сити Тандер победи на домашен терен против Индијана Пејсерс со резултат 120:109 и поведе со 3:2 во големото финале на НБА лигата, кое се игра до четири победи. Оклахома сега е на чекор до шампионската титула, а првата меч-топка ќе ја има во ноќта меѓу четврток и петок кога се игра шестиот натпревар во Индијанаполис.

За Индијана ова е првпат во целото досегашно плејоф издание – од Милвоки, преку Кливленд и Њујорк, па до Оклахома – да се најде во резултатски заостаток во една серија.

Оклахома започна агресивно во одбраната, што им создаде многу проблеми на гостите. Во првата четвртина Индијана изгуби дури седум топки, а домаќините по само шест минути водеа со 22:12. Првата четвртина заврши со 32:22 за Оклахома.

Во текот на првата четвртина, најдобриот играч на Индијана, Тајриз Халибартон, почувствува болка во десната нога. Иако одигра 17 минути во првите две четвртини, не постигна ниту еден поен. Оклахома продолжи во ист ритам, а разликата постојано растеше. Три минути пред крајот на полувремето резултатот беше 54:38, а на одмор се замина со 59:45.

Во третата четвртина Индијана се држеше на негатива од 10 до 15 поени, но одличниот Т. Џ. Меконел постигна осум поени по ред и намали на 78:72. Осум минути пред крајот, Паскал Сиакам погоди тројка за 93:95, што беше најмало заостанување на гостите. Но, Оклахома веднаш возврати со серија поени, повторно се одлепи на двоцифрена разлика и ја запечати важната победа за водство од 3:2 во финалето.

Херојот на победата за Оклахома беше Џејлен Вилијамс, кој постигна 40 поени, заедно со четири асистенции и шест скокови. Шеј Гилџус-Александер додаде 31 поен и 10 асистенции, додека Дорт погоди 3 од 6 тројки, со што и натаму има прецизност над 60 проценти од линијата за три поени во финалната серија. Од клупата, Арон Вигинс придонесе со 14 поени и пет скокови.

Од друга страна, кај Индијана Тајриз Халибартон остана без поени од игра, постигнувајќи само четири поени од слободни фрлања, со шест асистенции и седум скокови. Неговиот шут од поле беше 0/6. До овој натпревар, просекот на Халибартон во финалната серија против Тандер беше 17,75 поени по меч.

Прво име за гостите беше Сијакам со 28 поени, пет асистенции, шест скока, три украдени топки и две блокади. Ти-Џеј Меконел го заврши натпреварот со 18 поени, четири асистенции и четири скока, додека Арон Несмит постигна 14 поени со 4/5 шутеви за три поени.

ПретходноСКП: Челзи го победи Лос Анџелес, ама ФИФА доживеа невиден срам! (ФОТО)
СледноСпектакл на Бока и Бенфика: Четири гола, три црвени картони, еден пенал и многу тензија (ВИДЕО)