Поради морбидни пораки, тренерот на Црвена Звезда мораше да го избрише својот X профил

627

Јанис Сферопулос е на мета на навивачите на Црвена звезда, со закани и навреди откако неговиот тим доживеа нов неуспех.

По елиминацијата во полуфиналето на регионалната АБА лига, Звезда сега испадна и во полуфиналето на српската Суперлига – и тоа од Спартак Суботица, што предизвика гнев кај дел од навивачите, кои вината за неуспешната сезона ја насочија кон тренерот.

Се заборава дека Јанис Сферопулос пристигна во клубот во многу тешка ситуација и покрај сè успеа да освои три трофеи минатата сезона. Во новата сезона ја освежи екипата и започна одлично во Евролигата, но и покрај 16 победи во првите 26 кола, на крајот едвај обезбеди плеј-ин. Потоа следуваа елиминации во домашните натпреварувања – нешто што дополнително ги изреволтира навивачите.

На социјалната мрежа X, каде што беше активен, Сферопулос беше нападнат со бројни навредливи и заканувачки пораки. Некои од нив беа дури и со содржина во која му се посакува смрт – гнасни и шокантни пораки кои го натераа грчкиот стратег целосно да го избрише својот профил.

Наместо поддршка или критика со почит, Сферопулос се соочи со мрачната страна на модерниот спорт и социјалните мрежи – каде што границите на пристојноста одамна се избришани.

ПретходноГрчката лига го суспендираше Атаман
СледноИлиевски промовиран: Димитријевиќ е нашиот столб, Јакимовски потврди дека доаѓа!