Машкиот национален тим и Одбојкарската федерација на Македонија викендов во Струмица се домаќини на турнир од третиот натпреварувачки викенд од ЦЕВ Европската Златна лига 2025. Македонија ги пречекува Израел и Црна Гора.
Поради воено-политичката ситуација во која се наоѓа Израел, по препорака на Министерството за внатрешни работи, натпреварот меѓу репрезентациите на Македонија и Израел, закажан за в петок, од 20 часот, во СС „Парк“ ќе се игра пред празни трибини.
Од истите причини и мечот меѓу Израелците и Црна Гора, в сабота, од 20 часот во салата „Парк“ ќе се игра зад затворени врати.
Љубителите на одбојката во живо ќе може да го следат единствено натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора, в недела, од 20 часот.
Сите натпревари од турнирот во Струмица ќе имаат директен телевизиски пренос на националниот сервис (МРТ3).