Собранието на регионалната кошаркарска АБА лига попладнево објави дека е донесена одлука за проширување на лигата и поделба на профитот за сите клубови, додавајќи дека, според претходната одлука, лигата ќе може да има максимум 20 клуба од сезоната 2025/26.
Во овој контекст, Собранието усвои јасни насоки и одлуки во врска со доделувањето на „вајлд карти“ (покани) на клубови надвор од регионот, врз основа на кои ќе продолжат преговорите со сите заинтересирани страни, со цел што поскоро да се финализира списокот на учесници за сезоната 2025/26.
„Врз основа на одличните деловни резултати, Собранието на АБА лигата донесе едногласна одлука за рамномерна распределба на профитот меѓу сите членови на друштвото. Оваа одлука дополнително ја потврдува позицијата на АБА лигата како уникатен спортски и деловен проект во регионот и пошироко“, се наведува во соопштението на официјалната веб-страница на лигата.
АБА лигата објави и дека на крајот од сесијата бил усвоен нов систем на натпреварување за АБА2 лигата, кој ќе биде презентиран на јавноста во наредниот период.