Несомнено, исхраната игра пресудна улога во растот, развојот и спортските перформанси на секое дете кое се занимава со спорт, па така и кај младите фудбалери. Неопходна е правилно избалансирана и разновидна исхрана која им ја обезбедува потребната енергија, ги зајакнува мускулите и помага телото да се закрепне по напорните тренинзи и натпревари.
Младите фудбалери имаат зголемени потреби за калории, кои варираат во зависност од возраста и интензитетот на активноста. Јаглехидратите се главен извор на енергија, особено комплексните, како интегралните житарки, овошјето и зеленчукот, кои помагаат за долготрајна енергија и подобар фокус на теренот. Протеините, кои се наоѓаат во месото, рибата, јајцата, млечните производи и растителните извори како мешунките и јаткастите плодови, се клучни за раст и обнова на мускулите. Здравите масти од авокадо, маслиново масло и риба помагаат за правилна апсорпција на витамини и поддржуваат имунолошки систем.
Особено важно младите фудбалери да го планираат оброкот пред тренингот, кој треба да биде лесен, но енергетски богат, земен околу еден час пред активноста, како банана со јогурт, сендвич со пилешко, овошје или овесна каша.
По тренингот, за оптимално закрепнување по физичката активност, препорачливо е да се консумира оброк кој содржи протеини и јаглехидрати, што помага за брзо обновување на мускулите и надополнување на изгубената енергија, како пилешко со ориз и зеленчук или смути со протеински прашок и овошје.
Покрај главните оброци, здравите ужинки играат важна улога во одржување на енергијата во текот на денот. Оревите, јаткастите плодови, сувото овошје или домашните барчиња се одличен избор за дополнителна енергија и витамини.
Многу е важно младите спортисти да избегнуваат брза храна и преработени шеќери, бидејќи тие може да ја намалат издржливоста и концентрацијата на теренот, што негативно влијае врз спортските перформанси.
Сега, во топлите денови кога тренинзите се одвиваат на повисоки температури, некогаш и под пеколно сонце, правилната исхрана и хидратација стануваат уште поважни. Течностите и хранливите материи помагаат да се одржи телесната температура, да се избегне дехидратација и да се одржи максималниот капацитет за физичка активност. Хидратацијата со вода е задолжителна пред, за време и по активностите, а кај подолги и интензивни тренинзи, спортските пијалаци со електролити обезбедуваат дополнителна поддршка.
Редовната консумација на 4 до 6 помали, нутритивно богати оброци во текот на денот е клучна за одржување на енергијата и максимални резултати. Добри примери за оброци се овесна каша со овошје, пилешко или риба со зеленчук и интегрални житарки, омлет со зеленчук, а како ужинки – јогурт и јаткасти плодови.
Од особена важност, освен индивидуалната свест на секое дете за потребата од соодветна исхрана, неопходно е здравите навики да се дел и од секојдневните совети во рамки на клубот каде детето тренира. Тоа одамна е дел од праксата на Фудбалскиот клуб Аеродром кој посветено вложува во развојот на младите играчи, поттикнувајќи ги да создаваат и здрави навики кои се темел за успешна спортска кариера. Покрај професионалниот тренинг, клубот редовно дели корисни совети и препораки за правилна исхрана со цел да им помогне на младите спортисти да ги одржуваат најдобрите спортски перформанси и да се грижат за своето здравје.