Ивановски: Одиме напред секоја година, ќе има европска кошарка во Битола

156

Големо е задоволството во таборот на КК Пелистер откако тимот доби зелено светло за да биде дел од Лигата на Шампионите, поточно од квалификацискиот циклус за пласман во елитното европско натпреварување под капата на ФИБА.

Од самиот почеток на овој проект беше најавено дека планот е најпрвин да се постави клубот на здрави темели, а потоа да се оди чекор по чекор напред, во тој правец е и одлуката по неколкуте сезони во АБА2 лигата овојпат да се решат за промоција на европската кошаркарска сцена.

„Презадоволни сме од фактот што ќе бидеме дел од квалификациите за Лигата на Шампионите. Тоа е само доказ дека клубот функционира на највисоко ниво, нешто што беше препознаено и од луѓето во ФИБА Европа кои го вклучија Пелистер во листата на клубови кои ќе се борат за место во групната фаза од ЛШ. Веќе најавивме дека слабите резултати од ланската сезона нема да го исфрлат Пелистер од посакуваниот правец – да се развиваме од секој аспект во секоја наредна година. Ова е само уште еден чекор напред во тој правец“, истакнува Филип Ивановски, извршниот директор на КК Пелистер.

Борбата за место во групите од Лигата на Шампионите ќе биде исклучително тешка, ако се знае дека 24-те екипи од квалификациите ќе бидат поделени во три групи од по осум, во кои само победниците на групите ќе се пласираат во главната фаза во ЛШ.Сепак, дури и во случај на елиминација од квалификациите за ЛШ, Пелистер речиси сигурно ќе има место во групната фаза од ФИБА Европскиот куп.

„Она што е наша желба како клуб, во што сме убедени дека ќе успееме – е во Битола да се игра европска кошарка. Тоа е она кон што се стремевме и што сме на добар пат да го оствариме. За доброто на македонската кошарка неопходно е што повеќе тимови да ги одмеруваат силите во Европа, но ние не можеме да влијаеме над другите клубови, можеме да гледаме само за нас и можам да гарантирам се додека сме ние како управа во КК Пелистер ќе се стремиме тоа да биде случај. Се надевам дека со овој наш потег ќе „повлечеме нога“ за во иднина и другите тимови да тргнат по исти стапки“, порачува Ивановски.

Ждрепката за квалификациските турнири за Лигата на Шампионите ќе се одржи на 2 јули, а турнирите ќе се одржат во периодот од 23 септември до 28 септември.

ПретходноЛегендарниот Хрват Марио Келентриќ е нов тренер на голманите во Вардар
СледноЃорческа поразена од осмата носителка на фјучрсот во Загреб