Македонската младинска машка репрезентација со пораз стартуваше на Светското првенство до 21 година. На првиот меч избраниците на Раде Стојановиќ беа поразени од Фарски Острови со 28-33 (15-16).
За жал македонската ракометна репрезентација не можеше да го следи мечот, бидејќи ИХФ имаше ставено погрешен линк, а потоа вистинскиот стрим беше ужасен. Фарски Острови победата ја обезбедија на стартот на второто полувреме. Одбраната немаше решение за Оли Мутин, кој постигна 15 гола од 17 обиди. Кај нас Димитар Узунчев имаше 6 погодоци.
Во првото полувреме нашата репрезентација беше во водство, имаше и два гола разлика. Во 18 минута противникот поведе со 10-11, Калајџиески израмни на 11-11, Ф.Острови ја држеше позитивата од еден гол. Узунчев и Калајџиески ја вратија минималната позитива (13-12) во 25 минута, но следеше нов пресврт, па противникот повторно поведе со еден гол разлика 13-14. На одморот резултатот беше 15-16.
Фарски Острови добро го отвори второто полувреме, после осум минути игра дојде на плус четири (17-21), па пред средината и на 19-23. Сепак нашите момци со два гола во низа успеаја да се доближат на 21-23. Со два нови погодоци противникот повторно поведе со 21-25. Македонија не најде начин, ниту сили да се врати во мечот, на пет минути до крајот имаше негатива од пет гола (25-30).
Стојановиќ и неговите момци утре веќе ќе имаат шанса за поправен, во 14 часот играат против Романија, која денеска беше подобра од Исланд со 25-29.