Пионерската женска репрезентација на Македонија со пораз од организаторот Црна Гора, 0:3 (11:25, 14:25, 23:25), го започна настапот на БВА Балканскиот шампионат за одбојкарки до 16 години во Плевља.
Нашите надежи во првите два сета играа во грч и тоа им создаваше проблеми и голем број на технички грешки што му овозможи на противникот лесно да дојде во предност од 2:0 во сетови.
Македонија одигра одличен трет сет, во кој имаше контрола над резултатот се до 17:15. Сепак избраничките на селекторот Горан Славков не го издржаа притисокот и дозволија Црна Гора прво да изедначи на 17:17, а потоа и константно да се игра поен за поен. Црногорките ја искористија првата сет и меч топка за стартна победа на Балканијадата.
Македонските пионерки новата шанса за прва радост во Плевља ќе ја бараат утре, кога во рамките од второто коло од 15:30 часот ќе ги измери силите со Турција.