Последниот турнир од годинешното издание во ЦЕВ Европската Златна лига машкиот национален тим го игра на домашен терен викендов, од 20 до 22 јуни, кога во СС „Парк“ во Струмица ќе ги пречека селекциите на Израел и Црна Гора.
По четири одиграни натпревари Македонија има скор од една победа и три порази, но и одбојкарите и стручниот штаб потенцираат дека од натпревар во натпревар екипата расте и играат се подобро, па така и се очекува во најдобро светло да се покажат пред домашната публика.
„Лично сметам дека на турнирот во Струмица ќе покажеме најдобра одбојка. Играњето пред домашна публика секогаш носи посебен мотив и инспирација, а и веќе имаме четири официјални и два пријателски натпревари зад нас во овој циклус и од натпревар во натпревар растеме во формата. Репрезентацијата се подмладува, селекторот дава шанса и на играчи кои претходно имале помала минутажа и за нас е најважно дека целиот тој процес оди добро. Анализата на досегашните натпревари вели дека со Словачка можевме да одиграме подобро, додека Финска е еден од фаворитите за пласман на Ф4. Минатиот викенд имавме добар турнир, со победа во пет сета над Латвија, тежок, исцрпувачки меч и потоа Грција која исто така за мене е еден од претендентите за финалниот турнир“, вели еден од предводниците на репрезентацијата, Александар Љафтов.
Македонија викендов игра против уште еден од фаворитите за Ф4, Израел, кој е без пораз, како и добро познатиот ривал Црна Гора, која пак, не успеја да се израдува во досегашниот тек од натпреварувањето.
„Посакувам две победи на последниот турнир во Струмица. Ќе имаме проблеми со Израел. Тие немаат пораз досега и се борат за место на Ф4. Ние играме пред празни трибини и ќе биде тешко, минус е за нас отсуството на публиката. Што се однесува до Црна Гора, оптимист сум и размислувам позитивно и убаво би било победнички да се одјавиме од годинешното натпреварување. Најважно е дека атмосферата во екипата е одлична и верувам дека тоа ќе го пренесеме и на теренот, а моите струмичани ги замолувам во што поголем број да дојдат в недела во салата ‘Парк’ и да ја поддржат репрезентацијата.“
Распоредот за последниот турнир вели дека Македонија в петок, од 20 часот, го пречекува Израел, но поради воено-политичката ситуација во која се наоѓа оваа земја, а по препорака на МВР натпреварот ќе се игра пред празни трибини. Од истите причини и мечот меѓу Израелците и Црна Гора, в сабота, од 20 часот во салата „Парк“ ќе се игра зад затворени врати. В недела, од 20 часот натпреварот меѓу Македонија и Црна Гора ќе се игра со присуство на публика и вратите во салата „Парк“ ќе бидат широко отворени.
Сите натпревари од турнирот во Струмица ќе имаат директен телевизиски пренос на националниот сервис (МРТ3).