Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, оствари средба со претседателот ФИФА, Џани Инфантино, на која се разговараше за идните правци во развојот на фудбалот во Македонија и поддршката од светската фудбалска организација. Средбата беше остварена во рамките на Самитот на ФИФА кој се одржа во Мајами во рамките на Светското клупско првенство.
Претседателот на ФФМ, Омерагиќ, истакна дека ФФМ нема да инвестира во празни форми, туку во суштина, во терени, осветлување и услови каде што навистина се развива играта.
“Нашата визија се мали, но квалитетни стадиони. Не трибини без публика, туку терени, таму каде што почнува фудбалот,“ порача Омерагиќ.
Фокусот треба да се стави на терените, младите и суштински промени во македонскиот фудбал. Пристапот беше поддржан од Инфантино, кој посочи дека и во рамки на ФИФА се води токму таква стратешка дискусија, подобро е мал, но квалитетен стадион, отколку голем објект без содржина. Дополнително, беше презентирана иницијативата на ФФМ клубовите да добиваат бесплатна опрема со услов таа да не се продава, туку да им се донира на децата.
Инфантино го поздрави концептот и најави дека ќе го сподели како позитивен пример на следните самити на ФИФА. ФФМ изрази искрена благодарност за топлиот прием, а воедно, беше упатена покана за официјална посета на нашата земја.