Во таа 2010 година, како тинејџер со само 19 години од Шибеник се пресели во Загреб, во тој “пургерски“ Динамо. Дојде како момче, а денеска си замина како најголема клупска легенда на хрватскиот и балкански гигант, Динамо Загреб.
Се разбира дека тоа е Аријан Адеми, нашиот Аријан кој беше дел од таа златна генерација која настапи на ЕП 2021 година. Имавме голема среќа, па и “помош“ од Агим Ибраими токму неговиот братучед Аријан да игра за Македонија.
Аријан Адеми во изминатите 15 години беше симболот на Динамо, беше капитен, беше “командант“ во соблекувалната, на теренот, беше нај, нај, но пред се беше ЧОВЕК.
За ова говори самиот Стефан Ристовски, неговиот досегашен соиграч во Динамо и некогаш во репрезентацијата.
Еве што кажа Стефан во интервјуто за “СпортСпорт“ за Адеми:
“„Да знаеш само Огнен каков човек е тоа. Каков другар, каков лик. Незаменлив. ЉУДИНА…. со големи букви напиши. Од него научив што е капитен. Сум имал многу капитени во животот, но Адеми е тој. Брутално искрен, немерливо фер, другарчина. Тивок лидер, а сепак, она што треба да биде кажано и тоа како ќе биде кажано да знаете. Адеми беше иницијаторот за моето доаѓање во Динамо. Откако пристигнав тука ја видов неговата вистинска вредност како лидер. Во репрезентацијата на Македонија тоа не беше баш така, и самиот тој не се постави во тој стил, туку поинаку. Но во Динамо? Не сте свесни какво влијание имаше во соблекувалната, и колку работи во позитивна смисла беа решени од него. На негов автентичен начин. Тивко. И кога не знаеш дека ти помогнал всушност тој ти помогнал. Неверојатен човек, лидер, капитен….
Зарем после ова треба некој да дополни каков е Аки?
Јасно е дека без Аки и без Стефан, Динамо никогаш веќе нема да биде истиот.
Фановите на Динамо, целиот клуб му оддаде голема чест на Адеми, му посакаа успеси во понатамошната кариера, но и му порачаа дека за него вратите во Динамо засекогаш ќе бидат отворени.
Ова покажува дека кога – тогаш Аријан, по завршување на кариерата, повторно ќе биде дел од Динамо, но како функционер или нешто друго.
Зошто Адеми е легенда на Динамо? Затоа што така кажуваат бројките.
А тие се дека македонскиот интернационалец во дресот на Динамо одигра 430 натпреари, постигна 27 голови како класичен играч за врска и забележа 24 асистенции. Кога сме кај трофеите, тој со Динамо освои 24 трофеи од кои 13 шампионски во првенството на Хрватска, седум пехари во Купот и четири во Суперкупот и 110 настапи за Динамо во Европа.
Ете затоа Адеми е најголемиот во историјата на Динамо.
ФРАЕР е Аки…
Секоја чест!
ФОТО: ГНК Динамо/ФБ