Алонсо штотуку дебитираше на клупата на Реал, а веќе се знае кој ќе биде прв отпишан

891

Реал Мадрид на крајот од минатиот месец официјално го претстави Чаби Алонсо како нов тренер на клупата на кралскиот клуб, на местото на Карло Анчелоти.

Во изминатата сезона „кралевите“ не блескаа, поради што претседателот Флорентино Перез одлучи дека е време за промена и му ја довери шансата на Алонсо, кој го воодушеви фудбалскиот свет со својата работа во Баер Леверкузен.

Сепак, јасно е дека пред Алонсо е најголемиот предизвик во неговата досегашна тренерска кариера, а и самиот не очекуваше дека ќе дебитира на клупата на Реал без да има време за подготвителен период.

Младиот стратег прифати да ја води екипата на Светското клупско првенство и пред неколку дена дебитираше во ремито против Ал Хилал, но навивачите не беа премногу воодушевени од тоа што тимот покажа.

Сепак, јасно е дека на Алонсо ќе му биде потребно време за да ги среди работите и дека не треба да се носат заклучоци само врз основа на ова натпреварување. Сè ќе биде појасно по летните подготовки за новата сезона.

Но, Светското клупско првенство му доаѓа како идеална шанса да види на кои фудбалери навистина може да смета во иднина, а кои ќе можат да бидат ставени на трансфер листа.

Според шпанските медиуми, веќе се наѕира која ќе биде првата „жртва“ на Алонсо – се работи за Дани Себаљос, играч кој имаше солидна улога под водство на Анчелоти.

Себаљос го започна натпреварот против Ал Хилал од клупа и иако Реал се бореше за победа, Алонсо не му даде ниту една минута на теренот.

Искуствениот играч за врска се загреваше речиси целото второ полувреме, но му стана јасно дека нема да влезе кога во 84. минута Алонсо ги направи последните две измени, внесувајќи ги Модриќ и Муњоз.

Шпанскиот „АС“ пишува дека Себаљос бил видливо разочаран по мечот бидејќи очекувал да добие шанса за игра.

Тој има договор со Реал до летото 2027 година, а во клубот пристигна пред седум години од Бетис. Има и две сезони поминато на позајмица во Арсенал.

 

ПретходноПо 26 години во Јужна Кореја за првпат клубовите ќе можат да имаат странски голмани!
СледноАрсенал изненадувачки го става Мартинели на трансфер листа?