Победа за крај: Одбојкарите во три сета ја „преслушаа“ Црна Гора

92
фото: CEV.eu

Во последниот натпревар од годинешната Златна лига на ЦЕВ, македонската машка одбојкарска репрезентација оствари втора победа и на најдобар можен начин го затвори настапот во ова натпреварување, кое Миленкоски и одбојкарите го најавија како подготовка за европските квалификации во август. Македонија вечерва во салата „Парк“ во Струмица со максимални 3:0 славеше против Црна Гора и потврди дека полека формата на овој тим го достигнува посакуваното ниво.

Мечот со Црна Гора тргна израмнето. Македонија имаше мала предност се до финишот на сетот, но никако не успевавме да се одлепиме. Водевме со еден до два поени постојано, за конечно по сервисот на Филип Савовски во завршницата направивме предност од 22:19 која најави и совојување на сетот. На крајот со 25:20 Македонија поведе со 1:0.

Во вториот сет Црногорците тргнаа многу подобро. Имаа одлична предност од 3-4 поени се до средината на сетот, кога за првпат се доближивме на минус еден (11:12), но Црна Гора не отстапи и во продолжението. Првото водство во овој сет за нас дојде со поенот на Љафтов за 16:15, по што ние ние успеавме да ја зголемиме предноста и да го донесеме и овој сет до освојување – 25:21.

Во третиот сет имавме тотална доминација. Црна Гора се распадна,а ние ја искористивме шансата и убедливо го добивме сетот со 25:13 за конечни 3:0.

Никола Ѓорѓиев со 16 поени беше најефикасен во нашиот тим, а го следеше Љафтов со 12.

Македонија со две победи во шест меча го заврши настапот во Златната лига, па сега по периодот за пауза, одбојкарите ги чекаат финалните подготовки за августовските квалификациски дуели со Грузија и Грција од кои зависи нашиот настап на ЕП 2026.

ПретходноСе е договорено: Погба потпишува за Монако
СледноКлоп со коментар за трансферот на Вирц: Фантастично, едвај чекам да го видам на теренот!