Момент на вистината: На Македонија и се потребни кошаркари кои ќе се ежат кога ќе се интонира химната

122

Македонската кошаркарска репрезентација ја чека нов предизвик – претквалификации за пласман на Светскиот Куп 2026 година, во август ќе игра против Унгарија и Романија, а пласман во главните квалификациии обезбедуваат најдобрите две селекции во секоја група.

Од 2015 година и последниот настап на Европското првенство, Македонија не успеа да се врати на европска сцена, а уште помалку да направи вистински бум и да заигра на светска сцена.

Годините минуваа, напредок не видовме, иако бевме на чекор до остварување на големиот сон после генерацијата на Антиќ, Илиевски, Гечевски, Мекејлеб, Чековски…

Во меѓувреме требаше да се случи безболна смена на уште една генерација која покрај Војдан и Дамјан ќе расте и ќе завземе сериозно место во националниот тим, но се чинеше никој немаше храброст да го направи тој голем чекор. Во последната година се потпиравме на имиња кои не придонесуваа ништо, но имаа сигурно место во „црвено-жолтиот“ дрес.

Резултатите во изминатиот период не се единствениот проблем, националниот дрес само во кошарката стана неатрактивен за македонските кошаркари. Ако во секоја друга селекција, играчите едвај чекаат да заиграат за Македонија, во овој спорт продолжува трендот на молење…

Токму затоа селекторот, Марјан Илиевски и новото раководство на КФСМ, донесоа одлука да го променат начинот на функционирање кога станува збор за светиот дрес.

Нема, и не треба никого да се моли за да игра за својата татковина.

Секој кошаркар што ќе добие повик, а ќе одбие да игра за Македонија, писмено ќе треба да објасни зошто нема да биде дел од националниот тим. Секој повреден кошаркар, ќе мора да оди на дополнителни прегледи, лекарски тим ќе утврди дали има простор да се направи напредок или не. Ова е начинот на кој функционираат сите селекции.

„Репрезентацијата треба да е светост, а за жал ние се доведовме во ситуација да се молиме да играме за сениорската национална селекција. Во минатото се било правено на база на некои приватни разговори, но ние сакаме се да биде чисто и транспарентно. Следната седмица ќе објавиме список на повикани играчи, а потоа од секој од нив ќе биде побарано да одговори, дали ќе дојде или ако не е во можност, да ја напише причината за неиграњето. Ако станува збор за повреда, ќе треба да дојде, да биде прегледан детално од нашиот медицински тим и потоа да биде утврдено дали тој навистина може да ни биде на располагање или не… Од самиот почеток најавивме дека ќе бидеме транспарентни, ова е нашиот начин, сакаме јавноста да биде информирана точно кој сака да игра за репрезентацијата, а кој не, и од кои причини. Нам ни требаат кошаркари кои ќе се ежат кога ќе се интонира химната, да се борат за националниот дрес“, порачаа од КФСМ на денешниот брифинг со новинарите.

Оваа недела ќе биде клучна во однос на списокот. Илиевски ќе има средба со Ненад Димитријевиќ, ќе се разгледува можност за ангажирање на странски кошаркари, во зависност од позицијата на која ќе бидат потребни. Ти-Џеј Шортс е минато, а не се исклучува можноста да се врати Џејкоб Вајли. Андреј Јакимовски дал зелено светло, за останатите ќе биде познато наскоро.

Веќе неколку играчи по завршувањето на неуспешните квалификации ја известиле федерацијата дека во август нема да бидат во служба на репрезентацијата, но планираат да го сторат во ноември. КФСМ има свој став и за овој момент, порачаа дека тие што ќе играат во август нема да бидат неиспочитувани и во ноември. Подготвени се да играат со младинци и да жртвуваат години за да може Македонија конечно да фати правец кој ќе донесе подобро утре на овој спорт.

Останува да видиме дали ќе проработи националното чувство кај поголем дел од играчите…

*Почетокот на подготовките да биде во Скопје во големата сала во Кале. Во Скопје ќе се остане до 18 јули бидејќи салата ќе биде искористена за Младинскиот Европски Фестивал, по што националниот тим ќе се пресели во Гевгелија, каде на 25 и на 26 јули ќе одигра пријателски натпревари со селекцијата на Швајцарија.

ПретходноБелингам за она што го чека: Полека губам трпение!
СледноШаховските надежи на ШК Алкалоид со нова жетва на медали на младинското првенство!