Проработе машината на Гвардиола: Сити го декласираше Ал Аин, деби гол за Черки

69
Фото: Манчестер Сити X

Фудбалерите на Манчестер Сити го декласираа Ал Аин со убедливи 6:0 во второто коло од групната фаза на Светското клупско првенство.

Граѓаните ја демонстрираа својата сила и доминација, постигнувајќи дури шест погодоци, а посебна радост за тренерот Пеп Гвардиола донесе фактот што во листата на стрелци се запиша и новајлијата Рајан Черки, кој неодамна пристигна од Лион.

Веќе во 8. минута, Илкај Гундоган го отвори резултатот со погодок за 1:0. Само 20 минути подоцна, Ечевери ја удвои предноста – 2:0. Во длабока судиска надокнада на првото полувреме, Сити избори пенал, а Ерлинг Халанд сигурно го реализираше за 3:0.

Во второто полувреме, Сити продолжи со офанзивна игра. Во 73. минута, Гундоган го постигна својот втор погодок – 4:0. Во самиот финиш на натпреварот, играчите кои влегоа од клупа донесоа уште два гола: Боб стрелаше за 5:0, а Черки во 89. минута ги постави конечните 6:0.

Во групата Г, сè е решено – Манчестер Сити и Јувентус, кои имаат по 6 бодови, се пласираа понатаму, додека Ал Аин и Видад го завршуваат настапот во групната фаза.

Синоќа беше одигран и натпревар од групата Х, во кој Салцбург и Ал Хилал ремизираа без голови.

ПретходноОклахома со прва НБА титула, трагедија за Халибартон (ВИДЕО)
СледноМоментот кој го одлучи НБА финалето: Халибартон го напушти теренот во солзи (ВИДЕО)