Во последните неколку недели се шпекулираше за различни можни дестинации на уругвајскиот напаѓач роден во Артигас, но со оглед на тоа што следната сезона е последна пред Светското првенство 2026, неговата непосредна иднина, според се, ќе остане во една од петте најсилни европски лиги. Иако тоа веројатно нема да биде Премиер-лигата, се чини дека ќе остане во Европа.
Клубот што преговара со Ливерпул за доведување на Дарвин Нуњез е никој друг туку новиот италијански шампион – Наполи, што го потврди и познатиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо.
Напаѓачот на „црвените“ веќе подолго време е во контакт со Наполи, каде што се гледа како клучен дел од проектот на Антонио Конте. Наводно е постигнат првичен договор, и трансферот во Серија А е блиску до реализација. Сепак, сè уште се преговара за неговата плата, бонусите за играчот и агентот, како и финалната цена на трансферот што ја бара Ливерпул. Но постои подготвеност за договор од двете страни.
Нуњез дојде во Ливерпул пред три години за сума од околу 100 милиони евра, а најдобрите партии ги прикажа под водство на Јирген Клоп, кој секогаш му даваше поддршка. По заминувањето на Клоп и доаѓањето на Арне Слот, Нуњез не доби истата доверба. Иако беше дел од тимот кој ја освои Премиер лигата 2024/25, неговиот придонес беше скромен – само седум голови и седум асистенции во сите натпреварувања.
Свесен дека не игра доволно, Нуњез сака нов предизвик. Конкуренцијата во нападот на Ливерпул е голема – Луис Дијаз, Коди Гакпо, Диого Жота, а сега и Флориан Вирц кој пристигна од Баер Леверкузен. Иако Вирц не е класичен напаѓач, неговото пристигнување дополнително ќе го намали просторот за Нуњез.
Се спомнуваше и интерес од Милан, но фокусот сега е Наполи, каде што фудбалерот веќе дал „зелено светло“ за трансферот. Италијанскиот клуб е подготвен да плати околу 45 милиони евра, но се надеваат дека ќе ја намалат сумата.
Јасно е едно – иако Нуњез имал слаба сезона, тој останува приоритет за Наполи, но клубот нема намера да преплати за него.