Машката сениорска репрезентација викендов го заврши третиот во низа настап во ЦЕВ Европската Златна лига. Првата летна акција Македонија ја затвори со две победи и со пласман на деветото место, кој е најдобар во досегашното натпреварување во ова друштво.
Играчите и стручниот штаб се едногласни во ставот дека мисијата „Златна лига“ може да се оцени како успешна и покрај подмладениот лик на националниот тим и отсуство на дел од стартерите поради повреди.
„Нов успешен настап на македонската одбојкарска репрезентација во Европската Златна лига. Трето издание во низа, но гледано резултатски ова е најдобриот пласман во досегашните учества. За разлика од претходните години оваа учествуваа репрезентации кои беа дел и на последното Европско првенство што ми дава за право да кажам дека беше ЕП во мало. Зад себе оставивме репрезентации со повисок рејтинг како Летонија, Хрватска и Црна Гора. Игравме со трите најдобри репрезентации од регуларниот дел – Израел, Грција и Финска, кои заедно со Чешка ќе се борат за медали на Ф4. Одигравме шест натпревари и на секој меч имавме добри моменти“ – констатира селекторот Јошко Миленкоски и продолжува: „Можеби во оваа акција одеднаш вклучивме повеќе млади одбојкари кои имаат од 17 до 22 години, а дел од нив и прв пат почувствуваа како е на терен и какво е чувството да се бранат националните бои. Но, кога ако не сега! Сега беше вистинскиот момент и сите сме свесни за бенефитите кои може да ги добиеме од овој потег. За мене како селектор – сите од прв до последен ја оправдаа укажаната доверба. Минавме 40-тина дена во напорна работа со голема дисциплина и прекрасна атмосфера и буквално уживавме во секој момент. Искусните играчи по којзнае кој пат ја пожаа верноста и љубовта кон националниот сред и како се бранат боите на државата. Помладите покажаа дел од своите квалитети, кои верувам дека уште повеќе ќе напредуваат и ќе растат со напорна работа и редовен тренажен процес. Мислам дека сме на вистинскиот пат, им дадовме насоки на играчите, а сега сето тоа треба да се следи и да се спроведува. Во овој процес клучна улога ќе играат тренерите и клубовите за кои настапуваат. Во стручниот штаб на репрезентацијата има млади и перспективни тренери кои се иднината на нашиот спорт. Сите заедно сме дел од еден процес, во кој треба да се покаже верба и константност и кој сигурен сум дека ќе ни донесе добри резултати во блиска иднина.“ – рече селекторот на Македонија, па додаде.
„Знам дека веќе Федерацијата се заблагодари преку социјалните мрежи, но би сакал од мое име, од името на стручниот штаб и на играчите да се заблагодарам за широкото гостопримство на хотелот „Горан Пандев“ и на самиот Пандев, кој ни беше голема поддршка особено на последниот турнир во Струмица. Секако струмичката публика која секогаш е на трибините кога националниот тим игра во ‘Парк’, а така беше и сега и поддршката од трибините значеше многу во постигнувањето на успехот во овој настап од Златната лига“, завршува селекторот Јошко Миленкоски.