Магијата заврши, Теодосиќ стави крај на кариерата: Не би менувал ништо…

133

Еден од најдобрите српски кошаркари на сите времиња, Милош Теодосиќ, одлучи да стави крај на својата кариера.

Плејмејкерот кој играше „поразлично од другите“ и беше еден од најдобрите асистенти во историјата на европската кошарка, ги „закачи патиките на клин“ на 38-годишна возраст, по две сезони поминати во Црвена звезда.

Теодосиќ во текот на целата кариера најголемиот успех го оствари со освојување на Евролигата со ЦСКА Москва во 2016 година.

Беше и најкорисен играч на Евролигата во 2010 година во дресот на Олимпијакос, се обиде и во НБА лигата, но ќе го паметиме најмногу по настапите во дресот на репрезентацијата на Србија.

Милош ја предводеше новата генерација на српски кошаркари до европското сребро во Полска во 2009 година, една година подоцна со Србија стигна до полуфинале на Светското првенство во Турција и постигна тројка преку Шпанецот Гарбахоса во четвртфиналето – потег кој му ја одбележа кариерата.

Најголемиот успех со репрезентацијата како организатор на играта го постигна со освојувањето на сребрени медали на Светското првенство 2014 во Шпанија и на Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016 година.

Во својата богата кариера Теодосиќ настапуваше за ФМП, Борац Чачак, Олимпијакос, ЦСКА, ЛА Клиперс, Виртус Болоња и Црвена звезда.

„Драги пријатели, почитувани љубители и познавачи на кошарката,

Пред сè, ви благодарам за 30 години заедничка борба, уживање, радост и тага. Дојде моментот да се простам од една фаза од мојата љубов кон магичната игра под обрачите.

Зад мене, зад нас, има многу желба, борба, жртвување. Освоени трофеи, но и изгубени финалиња. Сето тоа е кошарка и сето тоа е живот. И не би менувал ништо – повторно би направил исто!

Им благодарам на моите Ваљевци, на мојата Србија. И на сите тренери со кои имав можност да ја учам кошарката.  Не би издвојувал поединци, одлучувачки минути, најважни натпревари… Зашто, секој од тие „детали“ (тренери, соиграчи) беа важни за мојата кариера.

Најголемата благодарност оди до моето семејство. И најголемиот гордост е кај нив. Во последно време сфатив дека најголемото богатство од мојата играчка кариера е тоа што ќе имам што да им покажам на децата! Само уште малку да пораснат… Пред нив ќе бидам и сум – најисполнет.

Сите ние играме за навивачите и поради нив. Затоа, благодарам и на нив, искрено и од срце. Годеа аплаузите и поддршката. Критиките мотивираа, свирежите зајакнуваа. Без оглед на клупската припадност, навивачот секогаш заслужува почитување од нас, поради кои дошле во салата. Во текот на кариерата не читав многу коментари, ниту пак обрнував внимание на социјалните мрежи, но многу добро го чувствував секој воздиш во салата. И секој молк. Оттаму доаѓа инспирацијата, поради тоа се тераш себеси да бидеш подобар. И сега, да не отстапам многу од себе, а познато е дека не ги отворав многу емоциите пред јавноста – оваа сепак сакам и морам да ја споделам: желба ми е да се знае дека кариерата ја завршив во клубот кој во моето срце има – доминантно место.

За љубовта кон Србија, играњето за нејзиниот грб и под саканото трибојно знаме, кажав сè на теренот. Со зборови не може да се опише тој единствен, прекрасен чувство кој сè уште тлее во мене.

Уште еднаш – благодарам кошарко, ќе се гледаме и понатаму, само без патики, дрес и шорц“, се вели во неговото писмо. 

ПретходноТофаш му посака добредојде на Емил Рајковиќ!
СледноОфицијално: Кристијано Роландо во Ал Наср до 2027 година