Младинската македонска ракометна репрезентација го освои 25 место на Светското првенство во конкуренција на 32 екипи. Од оваа генерација на почетокот на шампионатот се очекуваше многу повеќе, селекторот Раде Стојановиќ и неговите соработници има за што да жалат бидејќи можеа многу повеќе од она што го видовме на теренот. Македонија загуби од Романија иако имаше речиси сигурно водство, беше совладана од Мароко, а победи земји каде ракометот е на аматерско ниво.
Вкупниот биланс е четири порази и три победи. Еден по завршување на настапот на СП на социјалните мрежи се огласи Стојановиќ.
„Се одјавивме со победа – исто како што го започнавме ова петгодишно патување. Оваа генерација можеби не беше најуспешената но беше најконстантната, најборбената. Селекција што низ сите овие години покажа јасен идентитет, стабилност и менталитет на тим кој верува во работа.
Ни фалеше малку на претходните првенства за уште поголем резултат, но токму тоа „малку“ се покажа како „многу“ на ова Светско. Не нè надигра никој – напротив, победувавме ракометни велесили со далеку повеќе услови и традиција од нас. Македонија беше горда, со право.
25. место е само еден број. Вистинската слика ја покажуваат пет години труд, вложување, настапи на најголемите сцени и генерација што се изгради ракометари, другари, со еден збор бевме како едно.
Во овој процес има многу вредни нешта, но и поуки. Реалноста е дека системски заостануваме зад водечките, моментално.
Се надевам дека ова искуство ќе биде цврста подлога за секој од нив/нас и дека ќе им даде сила, насока и уверување дека припаѓаат таму каде што се борат најдобрите.
Ви благодарам од срце. За мене – оваа генерација секогаш ќе биде запишана со големи букви во моето ракометно CV.
Ова првенство нека биде лекција, но и потсетник – дека со вистинска визија, поддршка и системска работа, можеме уште повеќе“, напиша селекторот Раде Стојановиќ на социјалните мрежи.