Ѓурчиноски: Вардар е фаворит но никако не смее да ја потцени Ла Фиорита

420

Животниот пат, а секако покрај него и оној фудбалскиот го однесе нашиот Бојан Ѓурчиноски најпрво во Хрватска, а потоа и во Сан Марино. Момчето од Струга, кое што спонтано ја одбра оваа не така популарна фудбалска дестинација, и не погреши, затоа што таму доживеа прекрасни моменти, исполнети со шампионски титули, европски настапи и индивидуални награди.

Спортспорт го започнува разговорот со Ѓурчиноски со цел, офанзивецот да не запознае што повеќе со фудбалот во оваа мала земја. Тој беше дел од тимот на Тре Фиоре, со кој што ја освои титулата во домашниот шампионат, додаде и два супер купа, а како круна на се во 2022 година беше прогласен за најдобар играч во првенството. Сето ова го прави и тоа како компетентен за да го прокоментира претстојниот дуел на нашиот Вардар против тимот на Ла Фиорита, во рамките од првото квалификациско коло од Лигата на Конференции.

„Благодарност до Спортспорт за тоа што се сети на мене и што ме контактираше. Искрено не се надевав, но драго ми е што ете имам можност да го дадам своето мислење. Да, во Сан Марино минав прекрасен период. Фудбалот во таа земја, не е на толку ниско ниво како што многумина сметаат. Напротив, во денешно време сите играат, сите напредуваат. Конкретно јас имав успеси со тимот на Тре Фиори, дури минавме едно предколо во квалификациите за Конференциската лига. Во тие дуели постигнав два гола. Се игра брз фудбал, технички поткован што се вели. Екипите сакаат да играат. Првите пет, шест екипи имаат доста квалитетни играчи, кои имаат искуство од играње во трета, втора па и прва италијанска лига“ – вели Ѓурчиноски за Спортспорт, па додава.


„Искрен да бидам македонскиот фудбал не го следам премногу. Знам да погледнам некој натпревар, особено кога сум дома во Струга, ете последно го следев во живо мечот против Брера. Сепак, Вардар е нашиот најтрофеен клуб, сигурен сум дека во моментов има квалитет и капацитет да се справи со Ла Фиорита. Но, напоменувам, не смее никако да влезе со потценување во овој двомеч, зошто може да се случи нешто на што Вардар искрено не се надева. Секако, ќе го следам мечот ќе навивам за Вардар, кој мора да биде претпазлив. Квалитетот е на негова страна и сигурен сум дека ќе обезбеди пласман понатаму“ – ни рече Ѓурчиноски.

Тој со своето семејство инаку на десетгодишна возраст се преселил во Хрватска, и нема настапувано во Македонија. Беше дел од екипите на Фунтана, Ровињ, Угљаник, во Босна пак настапуваше за тимот на Подриње, додека пак во Италија беше дел од екипите на Гугљонеси односно Илвамадалена. Своевремено беше дел и од репрезентацијата на Македонија до 16. години под водство на селекторот Менсур Јакупи.

 

 

 

 

 

ПретходноВардар денеска против Марибор
СледноФета Фетаи заминува во Емиратите