Неколку часа пред почетокот на трката за Големата награда на Австрија, Формула 1 објави дека оваа патека ќе продолжи да биде дел од календарот на светските првенства барем до 2041 година.
Претходниот договор на „Ред Бул Ринг“ траеше до 2030 година, но беше продолжен за цели 11 години. Австриската патека сега го дели првото место на ранг-листата за најдолг договор за организација на трка во Формула 1. Претходно оваа година, и Големата награда на Мајами потпиша договор до 2041 година.
„Австрија долго време е посебна трка за Формула 1, па затоа е одлично што го потпишавме овој долгорочен договор, со кој се гарантира иднината на оваа историска трка во Формула 1. Визијата и страста на Дитрих Матешиц ѝ дадоа на оваа трка инвестиција и внимание што ѝ е потребно за да се врати во календарот на Формула 1“, изјавил извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.