Големо изненадување уште на почетокот на Вимблдон. Поранешниот тенисер број еден во светот Данил Медведев е елиминиран во првото коло.
Рускиот тенисер беше поразен со 3:1 од Французинот Бенџамин Бонзи, во сетови 7:6, 3:6, 7:6 и 6:2. Мечот траеше три часа и седум минути.
Во текот на целата година, Медведев не играше добро, а кулминацијата на слабите изданија на некогаш најдобриот играч на планетата се случи денес на најважниот турнир во светот на тенисот.
Бонзи делуваше самоуверено од почетокот на мечот и успеа да го задржи својот сервис во текот на целиот прв сет, а потоа во тај-брејкот го надигра Русинот. Медведев го доби вториот сет и израмни на 1:1 давајќи надеж дека ќе ги сврти работите во своја корист. Третиот сет повторно беше решен во тај-брејк, а Французинот повторно имаше поголема концентрација и „нерви“.
Тогаш Медведев, деветтиот играч во светот, стана нервозен. Веќе во првиот гејм од четвртиот сет, му дозволи брејк на својот ривал, а потоа на крајот од мечот уште еден за експресна елиминација од турнирот.
Во второто коло, Бонзи ќе игра против победникот од натпреварот Вит Коприва (Чешка) – Џордан Томпсон (Австралија).