Во натпревар со две сосема различни полувремиња, фудбалерите на Борусија Дортмунд изборија победа од 2:1 против Монтереј во осминафиналето на Светското клупско првенство. За противник ќе го има тимот на Реал Мадрид.
Веќе по само 14 минути игра Адејеми забележа асистенција, а Гираси го постигна голот за водство на Дортмунд. Само десет минути подоцна, резултатот беше 2:0 и повторно истите актери: Адејеми асистент, Гираси стрелец.
Но, на самиот почеток од второто полувреме, Монтереј намали. Се играше 48. минута кога Бертераме со удар со глава го совлада голманот Кобел.
Во 60. минута, Хесус Корона можеше да израмни. Се најде сам пред голманот, но Кобел одбрани маестрално.
Најголемата шанса за израмнување Монтереј ја имаше во судиското продолжение, преку Серхио Рамос. Поранешниот играч на Реал Мадрид остана во шеснаесетникот, одлично шутираше со глава, голманот беше совладан, но топката заврши покрај голот.
Борусија Дортмунд оди понатаму, но Монтереј може да жали за пропуштените шанси.