Македонската кошаркарска репрезентација наскоро ќе ги започне подготовките за претквалификациите за Светското првенство 2026 година каде за противници ги има Унгарија и Романија, дуели кои се играат во август. Новиот селектор, Марјан Илиевски на располагање ќе го нема посакуваниот ростер.
Во дресот на Македонија нема да биде Ненад Димитријевиќ, најдобриот кошаркар на денешницата, ниту пак капитенот Војдан Стојановски, како и уште двајца кошаркари од МЗТ Скопје: Бојан Крстевски и Андреј Маслинко.
Со оглед на краткото време за барање на нов Американец, кој би покрил дел од „болните“ точки на репрезентацијата, овој процес ќе биде оставен за следните предизвици. Илиевски не може да смета ниту ан Ти-Џеј Шортс, на кого договорот со Македонија заврши после квалификациите за ЕП, а ниту пак на Џејкоб Вајли, кој беше споменат како можна опција.
Во една ваква ситуација на Илиевски не ми преостанува ништо друго освен да направи рестарт на националниот тим, кој требаше да се случи веќе одамна.
Како лидери на тимот ќе бидат Андреј Јакимовски, кој после долго време ќе игра за Македонија, како и Андреј Магдевски и Стојан Ѓуроски. Оваа тројка ќе биде надополнета со млади имиња како Андреј Митревски, Никола Јанчиќ, Лука Савичевиќ, Валмир Кaкруки, Амар Хот, Лејсон Зеќири.
Македонија со години се мачи на европска и светска сцена. Последен пат на едно големо натпреварување играше во 2015 година, беше дел од Европското првенство во Хрватска. Во меѓувреме не се размислуваше на надполнување на составот со помлади имиња за безболно да се спроведе смената на генерација.
На брифингот со новинари селекторот и раководството на КФСМ потенцираа дека се подготвени да играат со млади кошаркари и да почнат од „нула“ што значи дека кошаркарска Македонија ќе се гради од почеток, на здрави нозе, а сите ние ќе видиме со каква иднина располагаме, дали навистина можеме да се потпреме на генерацијата која допрва треба да го завземе своето место во светиот дрес.