Ивановски: Пелистер оди по вистински пат, чест е да се биде рамо до рамо со клубовите од ЛШ

81
Пелистер одлучи да направи чекор напред и да се проба на европска сцена, „зелено-белите“ добија можност да бидат дел од јубилејното десетто издание од Лигата на Шампионите.

Апликацијата за влез во елитното натпреварување на ФИБА беше прифатена, па битолскиот клуб за противник на патот кон групната фаза го доби италијанскиот претставник Реџо Емилија.

Директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски, беше присутен на денешната ждрепка во Лозана, од каде ги пренесува импресиите.
„Знаеме дека Реџо Емилија ќе ја има улогата на фаворит, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Она што е најважно за нас е што чекориме по патот што го имаме зацртано… кога пред две години пристигнавме во клубот порачавме дека сакаме да поставиме цврсти темели, да изградиме бренд што ќe биде препознатлив. Дефинитивно се грижиме во вистински правец, се развиваме како клуб и од контактите што ги имаме со луѓето овде дополнително шириме познанства што ќе бидат добредојдени за натамошен развој во иднина“, вели Ивановски.
Тој исто така јавно се заблагодари на Дејан Лекиќ, Македонецот кој има значајна функција во ФИБА Европа, за придонесот за остварувањето на зацртаните цели на КК Пелистер.

„За нас е голема чест што сме дел од Лигата на Шампионите во јубилејната десетта година од постоењето на ова натпреварување, како прв клуб од Македонија што ќе игра во ЛШ. Голема благодарност до Дејан Лекиќ, кој ни даде голема поддршка за да аплицираме за Лигата на Шампионите, а исто така и се покажа како одличен домаќин овде во Лозана. Чест е да се има Македонци на важни функции во вакви големи организации“, порачува Филип Ивановски.

Победа над Реџо Емилија би значела и пласман во полуфиналето на турнирот, каде Пелистер би се сретнал со победникот од дуелот Орадеа (Романија) – Јувентус (Литванија). Победникот од овој меч во финалето на турнирот би играл со најдобриот од долниот дел од „костурот“, во кој силите ќе ги одмерат ПАОК (Грција) – СЦ Дерби (Црна Гора) и Бурса (Турција) – Брауншвајг (Германија).
ПретходноНова ера: Еспаљол продаден за 200 милиони евра
СледноМухамед Елмас е засилување за МЃП