Новиот борд на директори на ФК Пелистер денес одржа седница на управниот одбор, со која раководеше извршниот директор на клубот, Александар Стефановски. Клубот донесе неколку одлуки во правец на новата сезона и перспективата на клубот.
- Дефинирани се обрвските на клубот кон партнери и доверители, што е дел од тековната работа и за минатата и за новата сезона
- Проектиран е буџет од околу еден милион евра за сезоната 2025/26 за реализирање на целите на сениорската екипа, пионерско-младинската школа и пополнување на малиот преостанат дел долгови на клубот. Буџетот на клубот го пополнуваат: единствениот акционер Општина Битола, спонзорски и маркетинг договори, ваучер-системот на Министерството за спорт и Фудбалската федерација на Македонија со донациите за младински фудбал.
- Донесени се одлуки во перспектива на реновирањето на стадионот „Петар Милошевски“, во координација со Општина Битола и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Клубот, спортската структура и стручниот штаб на сениорската екипа се во завршна фаза на дефинирање на стратегијата за сезоната 2025/26. Во овој дел вклучени се подготовките, комплетирањето на играчкиот кадар и одбележувањето на јубилејот – 80 години од постоењето на ФК Пелистер.