Во новата сезона 2025/2026 македонската женска клупска одбојка ќе има уште еден претставник на меѓународната сцена – екипата на Фит Фан Волеј пријави учество во БВА купот, во организација на Балканската одбојкарска асоцијација.
Ланската сезона беше најуспешна во клупската историја на Фит Фан Волеј со пласман во првенствениот плеј-оф, каде финишираше како четвртопласирана, односно учество на Ф4 турнирот во Купот на ОФМ 2025. Со пресрет на новата сезона, клубот одлучи да направи уште еден чекор напред и да се проба во интернационалните води, а како прва станица е БВА купот.
Покрај Фит Фан Волеј како македонски претставник во женска конкуренција досега учество има пријавено и ЖОК Борац од БиХ, кој ќе биде и организатор на женскиот турнир во БВА купот 2025.
Балканската асоцијација дополнително треба да ги објави имињата и на другите учесници. Неопходен е минимум од четири екипи за да се реализира натпреварувањето, кое треба да биде реализирано најдоцна до 12 октомври. Она што го прави дополнително атрактивен овој Куп е што победникот обезбедува место во ЦЕВ Челинџ купот.