ЛШ квалификации: Шкендија сака да си ја врати својата гордост!

87

Вечерва од 20 часот на “Хал Парк“стадионот во Освестри, во првиот меч од 1.квалификациско коло во ЛШ, Шкендија му гостува на шампионот на Велс, тимот на ТНС. Тоа ќе биде реприза од пред седум години кога истите тимови играа во 1.квалификациско коло во ЛШ, и тогаш Шкендија со вкупни 5:4 се пласираше во следната фаза.

Нема да имаме ништо против ако така биде и сега, но тетовци да не примат четири гола како што беше пред седум години.

Ова ќе биде 54 европски натпревар за Шкендија, а нека биде и 19-тата победа за нашиот шампион.

Велиме дека Шкендија сака да си ја врати својата гордост, пред се во Европа. Имено звучи неверојатно, но така е. На последните два европски настапи, и двата во квалификациите во Лигата на Конференции, Шкендија беше елиминирана. Во 2023 година од некој си Хаверфордвест од Велс, а лани од ерменскиот Ноа. Ќе се сложите дека на Шкендија, на клубот кој трипати беше на чекор до пласман во групната фаза во Лигата на Европа играјќи во плеј – офот со клубови како Гент, Милан и Розенборг, тоа едноставно не му доликува.

Но, тоа е историја, а сегашноста вели дека ни Шкендија не е таа што беше од пред 7-8 години, а ни ТНС не е истиот, ако се знае дека во минатата сезона тимот од Велс играше во лигашката фаза во Лигата на Конференции.

И затоа Велшаните се мали фаворити, барем на хартија, и затоа вечерва е многу важно да се дојде до добар резултат за да може патникот во следната рунда во квалификациите во ЛШ да се одлучува во Скопје следната недела.

И покрај се, оваа Шкендија на стратегот Јетон Беќири знае како треба да одигра и да оди понатаму.

Да повториме дека ако Шкендија успее да го елиминира ТНС, тогаш во второто квалификациско коло за ривал ќе го има подобриот од двомечот меѓу ФЦСБ (Романија) и Ескалдес (Андора). Во случај да биде поразена, тогаш се сели во Лигата на Конференции во второто квалификациско коло ќе игра со поразениот од двомечот меѓу Дрита (Косово) и Диферданж (Луксембург).

Вечерва на „Хал Парк“ во Освестри главен судија ќе биде Роб Хенеси од Р. Ирска.

ФОТО: КФ Шкендија/ФБ

ПретходноАЕК доби нова казна од ЕХФ, парични санкции за Полска, Хрватска и Естонија
СледноНевреме во Сплит, оштетен култниот „Пољуд“! (ФОТО)