ТНС – Шкендија 0:0 е епилогот од првиот меч од првото квалификациско коло во Лигата на Шампионите. Секако добар резултат ако се знае дека реваншот се игра во Скопје, секако добар резултат ако се знае дека пред седум години, токму на овој стадион од истиот противник Шкендија прими четири голови.
Сепак треба да се каже дека Шкендија имаше шанси и за победа, беше подобар тим до 65-70.минута. Потоа како да падна, а ТНС имаше и три зицери, но голманот Гаје беше фантаситичен, па затоа велиме дека ова е добар резултат и Шкендија во Скопје, пред своите фанови, ќе бара пласман во следната фаза.
Домашните како подобро да го отворија мечот, поагресивно. Токму затоа и пред голот на Шкендија и ги видовме првите закани и тоа преку Вилсон и Холден.
Сепак како што одминуваше времето, нашиот шампион се повеќе ја преземаше контролата на играта, на моменти и во целост. Тамба во 16.минута шутираше со надворешна од добра ситуација, но домашниот голман едвај одбрани. Тетовци можеа да поведат и две минути подоцна, но Љатифи не успеа да се запише во листата на стрелците. Врати Даниел Вилијамс во 25.минута, но сепак немаше гол. Адеми во 38. и 40.минута можеше да погоди, но Шкендија немаше среќа ни во овие моменти. Првиот дел имаше девет минути судиско продолжение, а во него Бробел на едната страна и Трумчи на другата имаа свои шанси, но сепак на пауза се замина со тие почетни 0:0.
ИБРАИМИ ВЛЕГУВА ВО ИГРА
Очекувано, на полувремето тренерот Јетон Беќири во игра го внесе Бесарт Ибраими, а неговиот тим продолжи со добрата игра и со шансите.
Цаке и Тамба беа во можност да и донесат водство на Шкендија, но гол и натаму нема па нема. Домашните како да беа изненадени од ваквиот стил на игра, па затоа едноставно немаа идеја што да направат. Нема што, зрела, паметна игра на нашиот шампион во тие моменти.
И во 58. супер шанса за ТНС, Гаје успеа да го фати зицерот на Вилсон, а одбиената топка Бробел не успеа да ја внесе топката во мрежата на Шкендија, за среќа. Сепак и сега ТНС покажа дека е опасен тим, посебно кога две минути подоцна Гаје, на фантастичен начин ја спасува својата мрежа. И повторно Вилсон не успеа да погоди.
Браво Гаје! Блескаше во оваа фаза од средбата.
И одново Гаје, се играше 65.минута кога Корнес од повеќе од 25 метри испрати “бомба“, но голманот на Шкендија повторно беше фантастичен.
За промена, во 73.минута Крстевски, по додавање на Ибраими, имаше добра позиција, го лобуваше Шеперд, но сепак таа топка немаше доволно јачина да влезе во мрежата на ТНС.
Уште еднаш, штета.
На крајот и ТНС и Шкендија мораа да се задоволат со тие почетни 0:0.
ЛШ-1.квалификациско коло (прв меч)
ТНС – ШКЕНДИЈА 0:0 (0:0)
Стадион “Хал Парк“ во Освестри. Судија: Роб Хенеси (Р. Ирска).
ТНС: Шеперд, Смит (45+2. Крег), МекГејхи, Боденхам, Редмонд, Д, Вилијамс (75. Маршал), Корнес (75. Кларк), Холден (80. Чарлс), Бробел, Вилсон (74. Отех), Џ. Вилијамс.
ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Цаке, Вебстер, Р. Рамадани, Ќака (88.Ф. Рамадани), Тамба (90. Јакупи), Красниќи (68.Алхасан), Љатифи (68. Крстевски), Адеми (46.Ибраими).