Седлоски ја бара третата победа во Европа со Вардар (ВИДЕО)

712

Преостануваат уште два дена до првиот дуел на тимот на Вардар во Европа ова лето. Првиот од двата дуели против тимот на Ла Фиорита од Сан Марино, противникот во првото квалификациско коло од Конференциската лига.

Ова за освојувачот на Купот на Македонија ќе биде прв европски предизвик по оној во сезоната 2018/19 година кога Вардар загуби од ерменски Пјуник.

А, претходно, во годините на оние долги вардарови фудбалски лета, паметиме голема еуфорија, успеси и врела скопска атмосфера.

Вардар во сезоните 2016/2017, и 2017/2018 ги доживеа реално најголемите успеси на европска сцена со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа. Удел во тој огромен успеха на Вардар има и сегашниот тренер Гоце Седлоски, кој што беше кормилар и во тој период.

Неговиот скор како тренер на клупата на Вардар, а кога се работи за мечевите во Европа е следен. Две победи, една нерешена, и три порази со гол разлика 9:11. Одиме со ред.

Седлоски го поведе Вардар во оние фантастични два дуели против Динамо Загреб, кога Вардар не само што не беше полош противник, туку заслужи да оди понатаму. Во второто квалификациско коло од Лигата на Шампионите. Домашните 1:2, раното водство од 0:2 на „Модрите“, Хамбарџумјан намали на 1:2. Следуваше реваншот, Вардар имаше и 0:1 и 1:2, но пеналите досудени за домаќинот го враќаа Динамо во игра, за конечни потоа и 3:2.

Прекрасниот гол на Боарето против Копенхаген на Седлоски му донесе радост во Скопје од 1:0, но во реваншот фатални половина час за конечни 4:1 за противникот.

Одличните 1:1 против Малме на гости, беа претходница на онаа легендарна ноќ во Струмица и победата од 3:1.

Со оглед на противникот кој следува, реално е стратегот на Вардар во моментов да ја поправи оваа статистика и да стане убедливо најдобриот тренер на „црвено – црните“ на европско ниво.

 

 

ПретходноНејц Цехте ќе ја игра третата сезона во Е.Пелистер
СледноФилип Антовски ќе биде следното засилување за Пелистер