Нека биде долго топло европско лето за Вардар

240

Температурите во Скопје деновиве се пеколни, но токму денеска, на денот кога ФК Вардар се враќа на европска сцена со дуелот од првото квалификациско коло од Лигата на Конференции против тимот на Ла Фиорита од Сан Марино, во нашиот главен град и не е така врело.

Се чувствува некое освежување, кое што на Вардар му одговара, и како да нашиот најтрофеен клуб се соживува со тоа. Да, ова е некој нов Вардар, освежување на темата што се вели. Да, Вардар повторно е нашиот претставник во Европа, како што тоа му доликува.

Вечерва „црвено – црните“ имаат задача против во која реално се фаворити. Далеку од тоа дека смее да има потценување, нешто што тренерот Седлоски, еден месец го повторува на секој тренинг. Опуштање не, потценување не…. ќе ни се удри од глава.

Токму така. Вечерва Вардар мора да тргне силно, жестоко, од првата минута сконцентрирано. Не и брзоплето, туку со прецизни и кратки додавања да го „скрши“ веќе уште одсега поставениот „бункер“ на противникот. Ла Фиорита е дојдена во Скопје да се одбрани, а на Вардар е тие планови на ривалот да ги поништи во целост.

Момците во „црвено – црно“ го заслужија ова. Со својот однос кон вардаровиот дрес во изминатиот период, со она што успеаа да го направат во пролетната полусезона со дваесетина меча по ред без пораз и со освоениот Куп со кој е обезбедена Европа. Да, Вардар го заслужи ова. Да биде повторно „ин“ да се зборува за неговите мечеви со денови, и во ноќен термин од 20:30 на Арената да одигра добар меч.

И не само вечерва. Вардар заслужи да има долго топло европско лето. Во кое ќе има мечеви со полни трибини, со незаборавни моменти, и со исполнети соништа на илјадници навивачи желни својот омилен клуб да го видат повторно голем.

 

 

 

ПретходноСилекс посакува добар резултат од вечерашното гостување кај Дечиќ!
СледноФИБА го „пикираше“ Луканоски: Внимавајте на ова момче!