Вечерва со почеток од 20 часот, по цели седум години, Работнички ќе одигра европски натпревар. Во првиот меч од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции, тимот од Градски парк му гостува на белорускиот состав Торпедо-Белаз Жодино.
Од познати причини овој натпревар нема да се игра во Белорусија туку во Унгарија, на стадионот “Халадаш“ во Жомбатели. Секако дека ова е голем плус за нашиот претставник со оглед на тоа дека овој гостински меч ќе го игра на неутрален терен.
Реваншот е закажан за следниот четврток на Арената во Скопје. Познато е дека ако ја мине оваа пречка, клубот од Градски парк во втората квалификациска рунда ќе има двомеч со Макаби Хаифа од Израел.
Вечерва на “Халадаш“ стадионот правдата ќе ја дели Алеко Апцигури од Гузија.
Работнички во новата сезона и во оваа европска авантура влегува со нов тренер. Горан Станиќ и официјално замина во ФФМ како селектор на У-21 на Македонија, а за негов наследник беше назначен Бојан Маркоски, досегашниот асистент на Станиќ.
Маркоски оддработи добри подготовки, Работнички одигра и неколку пријателски средби. Доведени се неколку нови имиња, а дел од постоечкиот кадар си замина.
Работнички знае добро што го чека вечерва на гостувањето кај белорускиот клуб, знае дека ќе има тешка задача, но како што и вчера нагласија треберот Маркоски и играчот за врска Демири, тимот е сосема подготвен а овој европски предизвик. Желбите се што подобар резултат вечерва за да прашањето околу севкупниот победник се решава во Скопје.