Раководството на РФМ денеска во своите простори одржа прес-конференција на која покрај претставувањето на Филип Миркуловски, откри дел од своите планови за во иднина, но и отворено зборуваше за одлуката бројот на странски играчи за следната сезона да биде зголемен на девет. Оваа бројка ќе важи за мечевите од втората фаза (плеј-оф и плеј-аут).
Првиот човек на РФМ, Александар Стефанов откри дека 10 од 12 клубови биле за оваа промена. Потенцира дека тие секогаш ќе се борат за подобро утре на македонските играчи, но истовремено не можат да им го одземат правото на клубовите кои се борат за повисок пласман.
„Секогаш ќе бидам за да им се даде предност на македонските играчи и поголема минутажа, се со цел за создавање на македонската репрезентација. Но, од друга страна не можеме да им го одземеме правото на клубовите во битката за повисок пласман. Токму затоа ни сме тука како федерација да најдеме едно соломонско решение. Во регуларниот дел бројот на странци ќе биде ист, а кога ќе биде битка за титула, излез во Европа или останување во Супер-лигата да им се овозможи уште еден странец“, рече Стефанов.
Тој испрати порака дека РФМ во иднина нема да носи брзи решенија и да дозволи постојано да се менуваат поставените системи, секако доколку некој се покаже како погрешен истиот ќе претрпи промени во интерес на македонскиот ракомет.
„Она што ние се залагаме и она што сакаме да направиме е систем и долгорочна стратегија како би се движела лигата и репрезентациите. Нема да практикуваме брзи и чести промени. Се што ќе превземеме ќе биде во интерес на клубовите и репрезентација“, заврши првиот човек на РФМ.