Марко Луканоски би можел да биде еден од главните играчи не само во нашата младинска репрезентација, туку и воопшто на претстојното Европско првенство од Дивизијата „Б“ кое утре стартува во главниот град на Ерменија – Ереван.
Капитенот на македонската селекција „Под 20“ години би требало да биде еден од носителите на избраниот тим на селекторот Горан Самарџиев, а неговите игри на минатиот шампионат, оној во јуниорска конкуренција на првенството во Скопје, извесно, не останаа незабележанни од страна на европската кошаркарска јавност, вклучително и оние кои ги следат младинските евро-шампионати.
Кошаркарот кој ланската сезона ја помина во Игокеа, е еден од оние ТОП 10 играчи на кои треба да се обрне внимание, сметаат аналитичарите кои се упатени во оваа „проблематика“:
„Минатата година Луканоски беше еден од клучните играчи кога јуниорската репрезентација на Македонија го освои златниот медал на Европското првенство во Скопје беше во идеалната петорка на шампионатот со просек од 13.6 поени и скоро по 10. скока по натпревар. А со својата височина доминираше во рекетот. Способен е сам да се избори за позиција за шут, а неговите квалитети би можеле да бидат клучни за евентуално враќање на македонската репрезентација во ‘А’ Дивизијата“ – се вели на страницата на ФИБА посветена на првенството во Евреван.
Покрај нашиот центар, во изборот на играчи на ФИБА на кои треба да се „рефлекторите“ на европската кошарка во нарендите десетина дена се ставени и: Емре Мелих Тунча од Турција, Самуел Обенџо од Шведска, Нико Саре од Хрватска, Грузиецот Автандил Бахтадѕе, Фин Шот од Автрија, Црнигорецот Лука Дуровиќ, Сим Мартен Сади од Естонија, Јурис Витолс од Летонија и Данецот Никлас Полоновски.