Освојувачот на Купот на Македонија, и најтрофејниот наш фудбалски колектив, ФК Вардар со предност од три гола, ќе замине на реваш дуелот од првото квалификациско коло од Лигата на Конференции против тимот на Ла Фиорита во Сан Марино.
На домашен терен, на Арената Тодор Проески во Скопје, Вардар во четвртокот обезбеди триумф од 3:0 со головите на Омерагиќ, Јанкулов и Мато, со што со едната нога е веќе во следното коло и двомечот со швајцарски Луцерн. Иако тренерот Гоце Седлоски, строго забрани било какво опуштање, потценување и радување однапред, сепак, реалноста вели дека Вардар поголемиот дел од задачата во овој двомеч ја одработи. Победа на гости во Сан Марино нормално дека добро ќе дојде за дополнителен стимул од секаков аспект.
Кога сме кај победите на гостински терен во европските излети на Вардар ги има неколку во последните децении. Вардар често е наш претставник на меѓународна сцена, па реално е да има и ваков вид на победи. Одиме со ред.
Триумфот над Самтредиа, претходница за дуелот со Бордо
Далечната 1995 година Вардар беше дел од квалификациите за тогаш Купот на УЕФА, а за противник ја имаше екипата на Самтредиа од Грузија. Домашните 1:0 одиграни на 08.08.1995, не гарантираа пласман понатаму но реваншот на 22.08.1995 од 0:2 го „бетонираше“ истиот.
Следуваше оној незаборавен дуел со Бордо, прекрасната атмсофера во Скопје, и гостувањето на Лизаразу, Дугари и Виџге, во кој Вардар „скапо ја продаде кожата“. Одигра 0:2 на „Гратски“ во реваншот беше 1:1.
Победа и во Словенија
Исто така во рамките од квалификациите за Купот на УЕФА, на 17.07.1996 година, Вардар триумфираше над тимот на Хит Горица од Словенија на гости со 0:1. Реваншот во Скопје и победата од 2:1, го потврди пласманот понатаму. Во Скопје пристигна шведски Халмштад, Вардар одигра херојски но загуби со 0:1. Во Шведска мечот заврши 0:0.
Грозданоски и Вандаир ја „покорија“ Москва
А кој вардаров навивач не се сеќава на победата среде Москва? На 30.07.2003 година против големата ЦСКА. Гостувањето на кое ама баш никој не очекуваше сензација се случи токму тоа. Вандаир и Грозданоски за неверојатни 0:2, домаќинот намали во самиот финиш. Еуфоријата во Скопје кулминираше со нерешните 1:1, и пласманот во следната рунда, и двомечот со Спарта Прага.
„Петардата“ на Кипар најава за прекрасното вардарово лето
Во 2004 година сеуште беше активен сега веќе изумрениот Интертото куп. Во првото коло Вардар го доби тимот на Етникос Ахна од Кипар за противник, и му одржа фудбалска лекција од секој можен аспект. На 19.06.2004, Вардар победи во Ахна со огрони 1:5, а седум дена подоцна во Скопје со истиот резултат 5:1, го „докусури“ во тој момент недостојниот по квалитет ривал.
Следуваа, фантастичните преку 250 минути против белгиски Гент во кој Вардар на домашен терен обезбеди минимални 1:0, за да потоа на гости загуби со истиот резултат. Пеналите решаваа, Вардар со историски 3:4 мина во следната фаза. Во Скопје потоа пристигна тогаш големиот Шалке 04, збратимениот клуб од Гелзенкирхен, кој во тој момент беше еден од топ пет клубовите во Бундес лигата. Вардар сепак, немаше сила да се спротивстави на фаворитот.
Истанбулската ноќ која донесе групна фаза во Лигата на Европа
Конечно, Вардар и неговите навивачи, засекогаш ќе ја помнат онаа легендарна вечер во Истанбул и победата над Фенербахче. Скопските 2:0 не можеа и не беа гаранција за пласман во групите, но ветуваа многу. Вардар одигра херојски среде Истанбул, Џигаури го „поништи“ водството на домашнтие преку Ноиштатер, а Никола Глигоров во последните моменти од мечот „завери“ победа од 1:2, и историски влез во групната фаза.